Франција и Германија предлагаат европски план за заздравување на економијата и за таа намена се планираат 500 милијарди евра, како буџетски расходи за земјите кои се најпогодени од новиот коронавирусот, соопштија претседателот Емануел Макрон и канцеларката Ангела Меркел на денешната заедничка прес-конференција.
„Тоа ќе ја зајакне отпорноста, конвергенцијата и конкурентноста на европските економии и ќе ги зголеми инвестициите, особено во еколошките и дигиталните транзиции и во истражувањето и иновациите“,
се наведува во текстот на заедничката декларација.
Според двете земји, ова ќе биде еден силен економски одговор што ќе помогне во борбата против невработеноста во најранливите региони.
Меркел потврди дека овој план од 500 милијарди евра најпрво ќе биде насочен кон земјите кои се најранливи по кризата.
Франција и Германија сакаат да гарантираат заеднички стратешки резерви на фармацевтски, но исто така и медицински производи. Двете земји сакаат и ги зголемуваат капацитетите на Европската унија за истражување и развој во врска со вакцините и третманите.
„Демократската идеја и европскиот сон се столбови на нашиот идентитет. Мора да се соочиме со многу лаги и напади, но не смееме да се откажеме од нашите принципи. Ние мора да преземеме повеќе иницијативи заедно за да ја придвижиме Европа напред“,
рече Макрон.
Тој истакна дека мора да биде приоритет здравјето во Европа, но и дека ќе има туристичка сезона.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави предлогот на Париз и Берлин и смета дека е конструктивен, а со тоа се препознава обемот и големината на економскиот предизвик со кој се соочува Европа.
ЕК оцени дека предлогот одговара на стратегијата што и самата ја понуди пред неколку недели.
Европската извршна власт предложи поголема флексибилност во однос на буџетските правила за земјите членки, посебно во делот на државната помош, јавниот долг и дефицитот.
Истовремено, Европската централна банка и Европската инвестициска банка нудат 540 милијарди евра заеми во разни форми, како и Инструмент за закрепнување кој би бил врзан за повеќегодишниот буџет на Европската Унија и кој треба да биде усвоен идната недела во Брисел.