Тој кажа дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Северна Македонија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон го поздрави гласањето во бугарскиот парламент за францускиот предлог и рече дека процесот продолжува, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот парламент кој отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие“,
рече Макрон попладнево на прес-конференцијата во Брисел.
Тој додаде дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Северна Македонија.
„Машината е подготвена за да се одобри тоа што ќе биде одлучено, ова е многу добар сигнал, сакам да му честитам на бугарскиот премиер и опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на Северномакедонците за нивниот напредок“,
рече францускиот претседател, кој додаде дека „има уште работа“.
Францускиот претседател и вчера го употреби зборот „Северномакедонци“, а министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, денеска на прес-конференција рече дека Макрон направил ненамерна грешка и посочи дека било контактирано со француската амбасада во земјава, како и имало комуникација вчера во Брисел со француската делегација.
Photo: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET