Бајру ќе се пресели во резиденцијата на премиерот, хотелот „Матињон“. Непосреден предизвик ќе биде да се формира влада која нема да биде сменета, како што беше случајот со неговиот претходник во националното собрание
Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи центристичкиот лидер Франсоа Бајру за нов француски премиер во обид да стави крај на повеќемесечната политичка криза.
Бајру, сојузник на Макрон, е градоначалник од југозападниот дел на Франција и ја предводи партијата Демократско движење (МОДЕМ). Задача на претседателот е да обезбеди Бајру да остане на функцијата подолго од неговиот претходник.
Поминаа девет дена откако француските пратеници го разрешија поранешниот преговарач за „брегзит“, Мишел Барние. Макрон е на половина пат од вториот претседателски мандат, а Бајру ќе биде негов четврти премиер оваа година.
Француската политика е во ќор-сокак откако Макрон распиша предвремени парламентарни избори ова лето.
Анкетата за БФМТВ во четвртокот покажа дека 61 отсто од француските гласачи се загрижени за политичката ситуација.
Макрон вети дека ќе остане на власт до крајот на неговиот втор мандат во 2027 година, и покрај падот на Барние минатата недела.
Макрон во четвртокот го прекина патувањето во Полска, а се очекуваше синоќа да именува нов премиер, но одлуката ја одложи за денеска наутро.
Бајру ќе се пресели во резиденцијата на премиерот, хотелот „Матињон“. Непосреден предизвик ќе биде да се формира влада која нема да биде сменета како што беше случајот со неговиот претходник во националното собрание.
Макрон веќе одржа разговори на тркалезна маса со лидерите на сите главни политички партии, освен со екстремно левичарската партија ЛФИ на Жан-Лук Меланшон и екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен.