Целта на овој самит е да се договори заедничка стратегија за тоа на кој начин да се однесуваат кон Трамп, да се разгледа што може да му се понуди и да се види кои се европските ограничувања кога станува збор за инвазијата на Москва врз Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево пречека бројни европски претставници во Елисејската палата на вонредниот самит, свикан лично од него, со цел да разговараат за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина, како и поради стравувањата дека ќе бидат исклучени од разговорите.
Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, и германскиот канцелар Олаф Шолц се меѓу првите шефови на држави кои ги пречека Макрон.
На состанокот присуствуваат и италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, шпанскиот премиер Педро Санчез, данската премиерка Мете Фредериксен, холандскиот премиер Дик Шуф, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Се очекува разговорите да траат околу два часа.
Целта на овој самит е да се договори заедничка стратегија за тоа на кој начин да се однесуваат кон Трамп, да се разгледа што може да му се понуди и да се види кои се европските ограничувања кога станува збор за инвазијата на Москва врз Украина.
Состанокот беше договорен за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд.
Дипломатите рекоа дека во Париз ќе разговараат и за тоа како Европа би можела да придонесе за евентуален мировен договор откако САД ги повикаа Европејците да почнат да придонесуваат повеќе.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да бараат билатерално мировно решение, особено откако Трамп разговараше со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела.