Тој објави и писмо до претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во кое ја потврдува својата одлука

Франција официјално ќе ја признае палестинската држава во септември, изјави претседателот Емануел Макрон, со што ќе стане првата земја од Г7 што ќе го стори тоа.
Во објава на Икс, Макрон рече дека формално тоа ќе биде објавено на седница на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Итна потреба е денес војната во Газа да заврши и цивилното население да биде спасено. Мирот е можен. Ни треба итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници и масовна хуманитарна помош за народот на Газа“,
напиша тој.
Палестинските претставници ја поздравија одлуката на Макрон, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека потегот го наградува теророт по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година врз Израел.
САД силно ја отфрлаат најавата на Макрон, изјави државниот секретар Марко Рубио нарекувајќи ја одлуката „неодговорна“.
Г7 е група на големи индустријализирани земји, која покрај Франција ги вклучува САД, Велика Британија, Италија, Германија, Канада и Јапонија.
Во својата објава, Макрон напиша: „Верен на својата историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција да ја признае Државата Палестина.“
„Исто така, мора да ја гарантираме демилитаризацијата на Хамас и да ја обезбедиме и обновиме Газа. Конечно, мора да ја изградиме Палестина, да ја обезбедиме нејзината одржливост и да се осигураме дека со прифаќање на нејзината демилитаризација и целосно признавање на Израел, таа ќе придонесе за безбедноста на сите на Блискиот Исток. Нема алтернатива“,
вели Макрон.
Тој приложи писмо до претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во кое ја потврдува својата одлука.
Одговарајќи на објавата на Макрон, заменик-претседателот на Абас, Хусеин ал Шеик, рекол дека оваа позиција ја одразува посветеноста на Франција на меѓународното право и нејзината поддршка за правата на палестинскиот народ на самоопределување и воспоставување на нашата независна држава.
Во меѓувреме, Нетанјаху остро ја осуди одлуката на претседателот Макрон.
„Палестинска држава во овие услови би била лансирна рампа за уништување на Израел – а не за живеење во мир покрај него. Да бидеме јасни: Палестинците не бараат држава покрај Израел, тие бараат држава наместо Израел“,
вели Нетанјаху.
Хамас оцени дека одлуката на Франција е позитивен чекор во вистинската насока и ги повика сите земји во светот да го следат водството на Франција.
Моментално, Државата Палестина е признаена од повеќе од 140 од 193-те земји членки на ОН.
Неколку земји од Европската Унија, вклучувајќи ги Шпанија и Ирска, се меѓу нив. Но, главниот поддржувач на Израел, САД, и неговите сојузници, вклучувајќи ја Велика Британија, не ја признаа палестинската држава.