Денеска во Париз ќе бидат присутни претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, додека другите лидери ќе се вклучат на Самитот преку видео-врска

Претседателот на Франција Емануел Макрон, по средбата со украинскиот колега Володимир Зеленски, изјави дека Европејците се подготвени да ѝ пружат безбедносни гаранции на Украина, откако ќе биде постигнат мировен договор.
„Европа е тука, првпат со ова ниво на посветеност и интензитет. Прашањето сега е да се утврди искреноста на Русија и нејзините последователни обврски кога ѝ понуди мир на Америка“,
наведе Макрон пред денешниот Самит на „Коалицијата на подготвените“, што ќе се одржи во Париз.
Денеска во Париз ќе бидат присутни претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, додека другите лидери ќе се вклучат на Самитот преку видео-врска.
По Самитот на „Коалицијата на подготвените“ предвидено е лидерите телефонски да разговараат со американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, кабинетот на Зеленски соопшти дека со Самитот ќе копретседателствуваат Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
„Коалицијата на подготвените“ е составена од околу 30 земји, претежно европски, подготвени да ја поддржат украинската армија, па дури и да распоредат трупи во Украина откако ќе се постигне прекин на огнот, за да ја одвратат Русија од каква било понатамошна агресија.
Трамп на 18 август вети дека САД ќе ги поддржат Европејците во осигурувањето на безбедносни гаранции за Украина, кои треба да се спроведат по прекин на огнот или мировен договор, кој сè уште не е постигнат.