Макрон вчера објави дека неговата земја ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември

Претседателот на САД, Доналд Трамп, смета дека францускиот претседател Емануел Макрон е ирелевантен кога вели дека неговата земја ќе ја признае државата Палестина во септември.
„Она што го кажува е ирелевантно. Тој е добар човек, ми се допаѓа, но неговата изјава нема тежина“,
искоментира денеска Трамп.
Макрон вчера објави дека неговата земја ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември.
Всушност овој негов став предизвика лавина реакции во Франција и низ целиот свет.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ја осуди одлуката на Макрон, нагласувајќи дека таа „поттикнува терор“.

„Најостро ја осудуваме одлуката на претседателот Макрон да признае палестинска држава веднаш до Тел Авив, по масакрот на 7 октомври. Таквата одлука го наградува теророт и ризикува создавање уште еден ирански посредник, исто како што беше случајот со Газа“,
рече Нетанјаху.
Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, ја поздрави изјавата на францускиот претседател.

„Ова ја одразува посветеноста на Франција на поддршката на палестинскиот народ и нивните легитимни права на својата земја и татковина“,
рече Абас.
И премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, е под притисок на домашната јавност да го направи истото. Најголем притисок по ова прашање има од градоначалникот на Лондон, Садик Кан.