Според Емануел Макрон, чијашто одлука беше остро критикувана од израелските власти, пристапот на израелската влада, особено на некои министри, е да се уништи можноста за решение со две држави
Францускиот претседател Емануел Макрон, во интервју за израелска телевизија, ја бранеше својата одлука да признае палестинска држава велејќи дека тоа е најдобриот начин да се изолира Хамас. Тој остро ја осуди новата офанзива во Газа велејќи дека таа целосно го поткопува кредибилитетот на Израел.

„Признавањето палестинска држава едноставно значи давање цврста изјава дека легитимната перспектива на палестинскиот народ и она што денес тој го трпи немаат никаква врска со Хамас“,
изјави францускиот претседател за Канал 12.
Тој го бранеше својот план за признавање палестинска држава тврдејќи дека тоа е процес наменет да покрене ново однесување и низа нови обврски.
„Значи, признавањето палестинска држава е најдобриот начин да се изолира Хамас, кој не сака решение со две држави, туку сака да ве уништи“,
објасни тој.
Но, според Емануел Макрон, чијашто одлука беше остро критикувана од израелските власти, пристапот на израелската влада, особено на некои министри, е да се уништи можноста за решение со две држави.
Во интервју за Канал 12, Емануел Макрон рече дека понудил да го посети Израел пред Генералното собрание на ОН следната недела во Њујорк, кога ќе објави признавање на палестинска држава, за да го објасни својот став.
Но, израелските власти ја одбија неговата посета. Тој додаде дека сака да продолжи да соработува со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го почитува. Сепак, Макрон оцени дека Израел целосно го уништува својот имиџ и кредибилитет во светот поради цивилните жртви во Газа.