Државата повеќе извезува отколку што увезува отпад, а количините сега се драстично намалени, изјави денеска заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули посочувајќи дека најмногу отпад во земјава бил увезен во периодот 2012-2014 и 2015- 2016 година. За ограничување на увозот, како што вели, мора да се направат консултации бидејќи земјата е потписник на Базелската конвенција и вели дека не може да излезе надвор од европските стандарди.
„Драстично е намален во 2017, а во 2018 не е увезен опасен отпад, никој тогаш нема добиено дозвола и нема легален увоз на опасен отпад за да се чува некаде. Компанијата ‘Дрисла’ нема добиено дозвола за опасен отпад во периодот откако ние сме на оваа позиција. Во ОХИС има спремен опасен отпад кој треба да излезе од државата, кој ќе влезе и ќе заврши во некоја западноевропска земја. Замислете, тие да кажат сега ‘не примаме’. Тие имаат технологија да го преработат опасниот отпад и да се третира, кај нас нема“,
изјави Макрадули
За ДОМ, пак, ваквите образложенија се неприфатливи бидејќи, како што велат, државата не е членка на ЕУ и треба да има своја стратегија. Пратеничката Лилјана Поповска се сомнева во ефикасноста на контролата на отпадот, посочувајќи дека државата нема акредитирана лабораторија која би вршела анализа на тоа што се увезува, па затоа денеска побара ревизија на целиот систем.
„Во институциите има луѓе што се заинтересирани за бизнисот со отпад, а другите инволвирани институции треба да истражат што се случува. Ние како држава треба да се водиме од сопствените интереси, а првичен приоритет треба да ни бидат здрави граѓани. Сакам да порачам дека во моментот кога имаме високо загадување не треба да има никакви калкулации, односно на прво место да има профит“,
изјави Поповска.
Притисок за итно донесување закон за ограничувања на увозот вршат и активистите, особено по скандалот во Бугарија со сомнителниот увоз на италијански отпад. Забрана на увоз на отпад беше едно од клучните барања и на „Зелениот фронт“ и протестите против аерозагадувањето, а со тоа барање невладините организации настапија и на седницата за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.
На последната собраниска седница точката со предлог-законот за забрана на увоз на отпад како извор на енергија беше прескокната за дополнителни консултации и неизвесно е дали другата недела ќе дојде на дневен ред.