Во услови на нестабилни движења на светските пазари, поради одлуките на РКЕ, од компанијата велат дека трговците се принудени дериватите да ги набавуваат по повисоки цени од малопродажните, што значи работење со загуба
Компанијата „Макпетрол“ изразува сериозна загриженост за денешната одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која признатиот трошок за работење преку склад се намалува на 1,20 денари за литар, односно за околу 30 отсто по литар.
Реакцијата на компанијата следува откако денеска РКЕ донесе одлука со која го намали износот на трошокот за работење преку склад и наместо досегашните 1,70 денари за литар, ќе изнесува 1,20 денари.
Оваа одлука, како што информираат од РКЕ, е донесена со цел амортизација на влијанието на домашниот пазар и заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата.

Оттаму велат дека станува збор за значајна промена во правилникот, која, како и претходната, е донесена без претходни консултации со компаниите што директно учествуваат во снабдувањето и функционирањето на пазарот на нафтени деривати.
Вакви суштински интервенции, според компанијата, мора да бидат предмет на дијалог со сите засегнати страни.
„Особено загрижува што во образложението на одлуката, без основ, се наведува дека целта на измената е заштита на потрошувачите и обезбедување сигурност и стабилност во снабдувањето. Според реалната состојба на пазарот, актуелните услови се исклучително сложени, а трговците со нафтени деривати веќе подолг период работат под силен финансиски притисок. Во услови на нестабилни движења на светските пазари, поради одлуките на РКЕ, трговците се принудени дериватите да ги набавуваат по повисоки цени од малопродажните, што значи работење со загуба“,
се вели во реакцијата од „Макпетрол“.
Затоа, според компанијата, ваквата мерка не придонесува за зголемување на стабилноста, туку напротив, може дополнително да ја наруши одржливоста на работењето во секторот и сигурноста на снабдувањето на пазарот.
РКЕ денеска донесе одлука со која максималната малопродажна цена на бензините од ноќеска на полноќ се намалува за 2,5 до 3 денари по литар, а цената на дизелот останува иста, со што се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.
