„Како што укажавме, огромна е веројатноста цените на суровата нафта и понатаму да растат. Тоа значи дека ако не се направат соодветни решенија ќе трпат и граѓаните и целата економија“, се вели во соопштението од компанијата
Компанијата „Макпетрол“ денеска излезе со соопштение дека и покрај тоа што во јавноста се појавија информации за намалување на набавната цена на дизелот, од ОКТА сè уште не добиле официјално известување врз основа на кое, како што велат, би се промениле договорените услови меѓу двете компании.
Оттаму информираат дека наместо тоа, од страна на добавувачот и понатаму се испраќаат фактури во полна сума, односно без најавениот попуст.

Ова следува откако ОКТА во петокот информира за одлуката со која до крајот на март за два денари по литар ги намалува цените на дизелот и бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата овозможувајќи им на тој начин на трговците на големо и мало оваа придобивка да ја рефлектираат во крајните цени за потрошувачите.
Според „Макпетрол“, вистинското решение за ситуацијата не е зголемување на цените на горивата за што, како што велат, потврда се доби и со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
„Како што укажавме, огромна е веројатноста цените на суровата нафта и понатаму да растат. Тоа значи дека ако не се направат соодветни решенија ќе трпат и граѓаните и целата економија“,
се вели во соопштението од „Макпетрол“.
За укажувањата до трговците од страна на РКЕ, од компанијата сметаат дека со тоа ова тело излегува надвор од своите овластувања и професионални стандарди.
Од „Макпетрол“ сметаат дека најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни е замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и на малопродажните цени, како што е пракса во Европа.
РКЕ денеска донесе одлука за ново поскапување на горивата од ноќеска на полноќ.
Според одлуката на РКЕ, малопродажните цени на бензините и на екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за 7 денари за литар, додека дизелот поскапува за 6,5 денари.
Бензинот еуросупер БС-95 од ноќеска ќе се продава за 86,5 денари за литар, литар еуросупер БС-98 ќе чини 88,5 денари, литар дизел ќе се продава за 92 денари, а екстра лесното масло за домаќинство за 89,5 денари.
Од ноќеска се зголемува и цената на мазутот, кој сега ќе чини 47,453 денари по килограм.
