Тројца македонски државјани се регистрирале на пописот дека се со живеалиште во африканската земја Џибути, а четворица се попишале од Тувалу. Како што информира Државниот завод за статистика, според податоците, четворица Македонци се попишале и од Свалбард и Јан Мајен, а дури 11 од Северните Маријански Острови.
Џибути е земја во источна Африка и граничи со Еритреја, Етиопија и Сомалија, има околу 860 илјади жители. Главно, земјата е населена со Афари и Сомалијци, но живеат и мали групи Французи, Италијанци, Арапи и Етиопјани. Според податоците што ги сподели Државниот завод за статистика, таму живеат и тројца Македонци. Во Џибути, службени јазици се францускиот и арапскиот, но најмногу се зборуваат афарски и сомалиски јазик.
Островската држава Тувалу (порано позната како Елисови Острови) е полинезиска држава во Тихиот Океан и се наоѓа на половина пат меѓу Хаваи и Австралија, јужно од екваторот и во близина на Кирибати. Се состои од осум помали островчиња и според проценките има околу 12 илјади жители. Најголемиот дел од државниот буџет во Тувалу се полни преку продажбата на интернет-доменот „tv“.
Според Државниот завод за статистика, нашинци се попишале и од норвешките острови Свалбард и Јан Мајен, но интересен податок е тоа дека 11 Македонци се попишале и од Северни Маријански Острови, кои се лоцирани во Тихиот Океан, јужно од Јапонија и северно од Гуам.
„Евиденцијата на самопопишувањето покажува бројка од 171 620 државјани на РСМ кои живеат во странство и кои се самопопишале на електронската апликација од почетокот на овој процес, на 1 март, до денес. Само во последното деноноќие се попишани 11 101 лице“,
информираат од Државниот завод за статистика.