Изјавата на Мицкоски ја пренесоа голем дел од грчките медиуми. Коментираат дека со оваа изјава тој провоцира кога говори за нерешеното македонско прашање. Според нив, откако Мицкоски ја презеде премиерската функција пред половина година, често ги прекршува условите од договорот, како, на пример, тоа дека ја нарекува неговата земја Македонија, наместо да го користи нејзиното уставно име Северна Македонија
Премиерот на Република Северна Македонија во својата изјава дадена во Њу Џерси, САД, избра да зборува за „нерешеното“ и „постоечко“ македонско прашање. Тоа претставува провокација за Грција, но и обид да го врати во преден план прашањето кое е решено и како што веќе е познато дефинитивно и неотповикливо. Ова денеска го соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, како реакција на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дадена при неговата посета во Њу Џерси, САД, кога пред македонската дијаспора рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено и тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.
„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непречено продолжување на европскиот пат на соседната земја, предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа, како и воздржување од непомирливи изјави и претензии кон соседните земји“,
се вели во соопштението од грчкото МНР.
Изјавата на Мицкоски ја пренесоа голем дел од грчките медиуми. Коментираат дека со оваа изјава тој провоцира кога говори за нерешеното македонско прашање. Според нив, откако Мицкоски ја презеде премиерската функција пред половина година, често ги прекршува условите од договорот, како, на пример, тоа дека ја нарекува неговата земја Македонија, наместо да го користи нејзиното уставно име Северна Македонија.
На средба со македонската дијаспора во Њу Џерси рече дека борбата дома е борба која оваа влада ќе ја води, како борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија, но дека таа борба за еден од најмалобројните народи во Европа не е доволна.
„Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“,
рече тој.
Затоа, според него, е многу важна врската што татковината ја има со Македонците надвор, и важно е таа да продолжи, да се засили, да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво.
„Затоа сакам да ве убедам дека и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори кои не сакаат Македонија да биде успешна и да успее, и внатрешни и надворешни, оваа влада, оваа генерација ќе ги потврди илинденските идеали и ќе го продолжи делото на илинденците за суверена, независна и демократска Македонија, која ќе биде најбогата на Балканот!“
кажа премиерот.
Мицкоски деновиве престојува во САД, каде што присуствуваше на дел од инаугуративните активности на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.