Министерството за внатрешни работи информира дека инцидентот бил забележан преку видеонадзорот на Амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот

Македонското МНР го осуди инцидентот во кој денеска непознато лице скрши стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува инцидентот што се случи денес, во кој непознато лице скрши стакло на објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје“,
велат од МНР
Претходно од Министерството за внатрешни работи информира дека инцидентот бил забележан преку видеонадзорот на Амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на настанот.
Во меѓувреме, бугарското Министерство за надворешни работи реагираше остро оценувајќи го инцидентот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на меѓународните норми.
Од Софија побараа брза и ефикасна истрага, како и гаранции за безбедноста на нивното дипломатско претставништво во Скопје најавувајќи дека внимателно ќе го следат развојот на случајот.
