Утре македонските ракометари имаат ден за одмор, а в недела ќе играат против Португалија

Македонската ракометна репрезентација со пораз го почна настапот на 17. Европско првенство, откако вечерва пред 15 000 гледачи во Хернинг загуби од домаќинот Данска со 36:24 во воведниот натпревар од групата Б.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров и покрај поразот имаа добри моменти во дуелот со актуелниот светски и олимписки првак, но Данците максимално ги искористија сите грешки на македонските ракометари.
Натпреварот почна израмнето со по три голови на двете страни, по што Данска казни серија грешки во нападот на Македонците и со серија од 5:0 дојде до предност од 8:3.
Во продолжението македонскиот состав ја консолидираше играта и во неколку наврати дојде до минус три негатива, но Данците заминаа на полувреме со предност од 17:12.
Данска го почна второто полувреме со „7 на 6“ во нападот, и по воведната серија од 5:2 континуирано ја зголемуваше предноста, која во 44. минута првпат беше двоцифрена (27:17).
Најефикасен во македонската репрезентација беше Никола Серафимов со постигнати шест голови, а Мартин Томовски запиша четири одбрани на голот, сите во првото полувреме.
По натпреварот, капитенот на македонската ракометна репрезентација Филип Кузмановски рече дека клучните дуели во групата Б допрва претстојат против Португалија и Романија.
Кузмановски рече дека се подготвувале да ја изненадат Данска, но тоа, како што додаде, се покажало дека е исклучително тешко против репрезентација која, според него, е главен фаворит на ова Европско првенство.
Кузмановски рече дека ќе бидат поопуштени против репрезентаците на Португалија и Романија и оти тие се таргетот.
„Треба да влеземе без респект, да веруваме повеќе во себе и верувам дека ќе бидеме подобри отколку на овој натпревар. На подготовките добро ги анализиравме сите три репрезентации. Знаеме од каде доаѓа нивната опасност. Данска беше добар тест за тоа што нè очекува против Португалија. Треба да одговориме на нивната брза контра и да се надеваме на добар резултат“,
рече Кузмановски.
Утре македонските ракометари имаат ден за одмор, а в недела ќе играат против Португалија. Во завршното коло во групата Б, во вторник, противник ќе им биде Романија. Претходно вечерва во Хернинг, репрезентацијата на Португалија ја совлада Романија со 40:34.
