„Станува збор за процес што бараше сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции“, вели шефот на македонската дипломатија во објава на Фејсбук
Дел од македонските државјани, кои нарушената безбедносна состојба на Блискиот Исток ги затекна во Израел, попладнево со владиниот авион полетале е Шарм-ел-Шеик во Египет кон Скопје, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Како што напиша тој на својот фејсбук-профил, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија целосно го координирала процесот на евакуација на македонските државјани од Израел.
„Станува збор за процес што бараше сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции“,
вели ресорниот министер.
Тој во објавата додава дека е финализирана постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да ги реализира летовите за евакуација на македонските државјани од другите погодени подрачја, а во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва.
„Нашите дипломатско-конзуларни претставништва и понатаму се на 24-часовно располагање на македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка“,
посочува Муцунски.
Претходно денеска од ресорното Министерство соопштија дека треба да се започне со евакуација на наши граѓани од Обединетите Арапски Емирати, како и оние што се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт. За нив е предвидено враќање со летови преку Кралството Саудиска Арабија.
Како што информираа оттаму, во рамки на процесот за евакуација, заклучно до денеска, во Амбасадата на РСМ во Абу Дабу се евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Од Кувајт се пријавени 31 лице, а 14 лица од Бахреин. Во Доха, пак, се евидентирани 141 македонски државјанин.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, апелираа до сите македонски државјани што се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, во најкус можен рок да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС-бројот на Министерството.
МНР вчера информира дека ќе издвои 60 милиони денари (речиси еден милион евра) за евакуација на македонски државјани од земјите погодени од конфликтот на Блискиот Исток. Со одлука на Владата, беше отпочната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови за нивна евакуација.
