За разлика од Белград, во Ниш во халата Чаир за вакцинација пристигнаа околу 2 000 македонски државјани, голем дел без закажан термин
Од над 1 700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработените од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп
Во Србија денеска продолжи вакцинацијата на македонски и странски државјани со вакцини на „Астра Зенека“. За разлика од Белградскиот саем каде денеска е празно, во Ниш поради големиот број неповикани македонски граѓани денеска има голема гужва.
За разлика од вчера, кога беа вакцинирани 5 299 странски државјани, од кои речиси половината беа Македонци, на Белградскиот саем денеска е празно. Според здравствените работници на саемот, бројот на македонски државјани кои до пладне се вакцинирале таму е нешто над 100.

И покрај апелот од српската владина Канцеларија за е-Управа, која вчера ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои и од Северна Македонија, кои немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат на вакцинација, бидејќи нема да бидат примени, сепак на десетина наши државјани им било дозволено да ја примат вакцината и без пријава.

За разлика од Белград, во Ниш во халата Чаир за вакцинација пристигнаа околу 2 000 македонски државјани. Поради големиот број нерегистрирани лица за вакцинација настанаа големи турканици и вакцинацијата беше прекината за оние кои немаа покани и закажан термин.
„Ние не враќаме никого во моментот, сепак, се обидуваме тие што се регистрирани први да добијат вакцина, тоа е основната поента – тие да добијат прво, сè што ќе остане ќе им дадеме на овие други луѓе“,
велат медицинските лица.
Како што соопштија од Стопанската комора на Србија (ПКС) вработените во повеќе од 1.500 компании од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово за време на викендот добија вакцини против ковид -19 во Белград и Ниш.
„Акцијата за имунизација на бизнисмените од регионот беше организирана од Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а 10 000 вакцини беа обезбедени од Стопанската комора на Србија заедно со Владата на Србија. Пунктови за вакцинација за бизнисмени беа организирани во Белград и Ниш. По новите пријави поради големиот интерес за вакцинација преку стопанските комори, се пријавија вкупно околу 8 500 вработени од регионот“,
велат од Српската комора.
Од над 1 700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработените од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп.