Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог-текстови доставени до владите со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини, како што е тоа наведено во манипулативниот текст на порталот БГНЕС ,кој речиси сите медиуми во С Македонија го пренесоа, без притоа да побараат информации од членовите во Комисијата за да се провери точноста на информацијата, пишува во реакцијата
БГНЕС вчера објави текст на нацрт-документ со тврдење дека станува збор за записник (протокол) усогласен меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија, како и дека заедничката комисија за историја усогласила формулација дека цар Самуил е бугарски цар – нешто што ќе треба да го пишува и на спомениците
Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања никогаш не разговарала и не усогласила предлог-текст кој би требало да биде испишан на споменици, реагираат историчарите од македонскиот тим во мешовитата комисија со Бугарија.
Реакцијата доаѓа откако вчера БГНЕС објави текст на нацрт-документ со тврдење дека станува збор за записник (протокол) усогласен меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија, како и дека заедничката комисија за историја усогласила формулација дека цар Самуил е бугарски цар – нешто што ќе треба да го пишува и на спомениците.
„Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог текстови доставени до владите со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини, како што е тоа наведено во манипулативниот текст на порталот БГНЕС кој речиси сите медиуми во С Македонија го пренесоа без притоа да побараат информации од членовите во Комисијата за да се провери точноста на информацијата и да се консултира нивното мислење во однос на ова прашање. Таквиот начин на информирање нема за цел јавноста да дознае што се случува со работата на Комисијата и да се пренесат погледите на сите страни вклучени во процесот, туку да се злоупотреби нејзината работа за политички цели. Текстовите кои досега се усвоени од страна на Комисијата се предлози до двете влади за заедничко чествување на одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменични обележја, споменици и тврдини и тие не смеат да бидат искористени за таа цел“,
пишува во соопштението од македонскиот тим во историската комисија потпишано од копретседателот Драги Ѓоргиев и членовите: Љупчо Ристески, Петар Тодоров, Исамедин Азизи, Љубица Спасковска и Огнен Вангелов.
Членовите на комисијата во реакцијата наведуваат дека е крајно неодговорно и вакви непроверени и неточни информации да се користат од страна на претставници на политички партии и носители на функции со цел да создадат слика за себе дека се бранители на националните интереси, а сето тоа на сметка на комисијата за која се претставува дека наводно работела во тајност.
Уверени сме, додаваат во соопштението, дека и опозицијата е запознаена со сите досегашни решенија на Комисијата и како и власта знае дека во нив нема ништо спорно и ништо со што би се загрозил историскиот идентитет на македонскиот народ и дигнитетот на сите граѓани на Северна Македонија.
Комисијата ќе се растури ако се подреди на политички потреби
Уште еден елемент кој го нагласува македонскиот тим од историската комисија со Бугарија е дека тие како тело се формирани согласно Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година и работат според правилник во кој никаде не пишува дека тие треба да ја одредуваат политичката вистина. Ако комисијата се подреди на политичките потреби, велат, тоа ќе значи и крај за нејзиното постоење.
„Комисијата од македонска страна никогаш не прифатила, ниту пак ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции со што таа би прераснала во политичко тело за цензура, а не експертско тело кое има за цел да помогне да се надминат споровите за минатото кои се злоупотребуваат за политички цели. Комисијата е формирана врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство, но нејзината работа се води според Правилникот кој двете страни заеднички го усвоија на Првата средба на Комисијата во 2018 година и во кој нема ниту еден елемент, ниту една точка, која Комисијата би ја претворила во тело кое ја одредува ’историската вистина‘. Поради тоа, сакаме да укажеме дека секое нејзино подредување и потчинување на политички потреби на една или друга влада или политичка партија ќе значи и крај на постоењето на Комисијата“,
велат од македонскиот тим во комисијата.
На крајот од својата реакција, тие порачуваат дека е неопходно професионално и одговорно однесување на сите чинители во општествениот и политичкиот живот, без да се манипулира со чувствата на граѓаните. Апелираат за сите прашања што се однесува на работата на комисија, тие директно да бидат прашани.
„Патриотизмот не е и не смее да биде алатка за постигнување лични цели и градење на лични политички кариери кои во нашата кратка историја на независноста не служеле како ништо друго освен како средство за стекнување лична материјална корист. На крајот, апелираме прашањата кои се однесуваат на работата на комисијата од македонска страна да бидат проверувани со нас, а за прашањата во однос на тоа каква ќе биде улогата на Комисијата во евентуални нови протоколи меѓу двете земји ќе се изјасниме доколку тие бидат официјално усвоени од Владите на С Македонија и Бугарија“,
велат членовите на македонскиот тим историчари во заедничката комисија со Бугарија.
Во текстот кој вчера го објави бугарската новинска агенција се тврди:
„Пред свикувањето на првата меѓувладина конференција, Скопје се обврза да ја усвои веќе усвоената формулација од Заедничката историска комисија во врска со цар Самуил како бугарски крал, веднаш менувајќи ги знаците и натписите на неговите споменици во земјата и на Самуиловата тврдина во Охрид. Предвидено е и веднаш да се смени текстот за цар Самуил во учебникот за VII одделение, како и да се претстави примерок од лекцијата што ќе ја отслика новата формулација во согласност со постигнатиот компромис. Билатералниот протокол предвидува на сличен начин да се решаваат и други спорни историски теми, со што ќе се интензивира работата на историската комисија“,
пишуваше вчера БГНЕС.
Во текстот пишува и дека Владата на Северна Македонија ќе подготви и презентира примерок на лекција за 7. одделение од наставната програма во земјава за цар Самуил која ќе биде согласно препораките од комисијата.