Премиерна изведба на претставата „Нема да биде крај на светот“ се одржа на 18 септември во Сараево, а премиерата во Македонскиот народен театар се очекува кон крајот на ноември
Претставата „Нема да биде крај на светот“ на Македонскиот народен театар (МНТ) освои четири награди на театарскиот фестивал „Живи фест“ во Босна и Херцеговина.

Фото: Фејсбук-страна на Македонски народен театар
Режисерката Нина Николиќ ја доби специјалната награда за режија, наградата за најдобра актерка ја доби Дарја Ризова, наградата за најдобар актер беше доделена на Саша Ханџиќ, а специјалната награда за актерска игра ја освои Џана Џаниќ.
Наградите им беа доделени со едногласна одлука на жирито во состав на актерите Владо Керошевиќ и Љиљана Чекиќ и драмскиот писател Алмир Башовиќ.
„Нема да биде крај на светот“ првата премиерна изведба ја имаше на 18 септември во Сараевски ратни театар – САРТР, Сараево, а премиерата во Македонскиот народен театар се очекува кон крајот на ноември.
„Засновајќи ја својата режија првенствено на посветената работа со актерите, Нина Николиќ не потсети на степенот до кој театарот е синтеза на различни елементи, но во своите најдобри моменти тоа главно се базира на способноста да остане првенствено актерска уметност. Играјќи ја својата улога на два јазика, босански и македонски, Саша Ханџиќ покажува голема способност за актерска трансформација на сцената, како и големо мајсторство на актерските средства, кое пред се се заснова на чувството за мерка Џенана Џаниќ со својата улога и изборот на актери успеа да постигне висок степен на сценска уверливост, нудејќи ни можност да се поистоветиме со светот на претставата, притоа убедувајќи нè дека стилската редукција понекогаш е доказ дека „уметноста може да биде повеќе“,
се вели во објавата на театарот.
Претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ е во продукција на Перипетија продукција – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР.