До сега, македонскиот јазик можеа да го изучуваат само студентите на Факултетот за литература, а од есен, преку нови предмети во четири семестри, македонистиката ќе можат да ја изучуваат студентите од сите факултети
Годинава, во текот на летниот семестар, повеќе од 50 студенти на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет следеа предмети од областа на македонистиката
Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од следната академска година, македонскиот јазик ќе можат да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет, коишто се заинтересирани за македонистиката, информираат од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК).
До сега, македонскиот јазик можеа да го изучуваат само студентите на Факултетот за литература, а од есен, преку нови предмети во четири семестри, македонистиката ќе можат да ја изучуваат студентите од сите факултети.

„Минатата година, кога одбележавме 35 години од отворањето на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, сè обврзавме дека соработката ќе ја продлабочиме и дека ќе продолжат вложувањата во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката на Истанбулскиот универзитет. Драго ми е што годинава, она на што се обврзавме следејќи го и заветот на Блаже Конески, веќе се остварува. Со можноста македонистиката да ја изучуваат студентите од сите факултети на Истанбулскиот универзитет, се покажува дека искажаната взаемна решеност не е само формална, туку суштинска, втемелена на одличната повеќедецениска соработка помеѓу двата универзитета, пред сè во сферата на македонистиката“,
вели директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, воедно упатувајќи благодарност до колегите од Истанбул.

Програмите по новите предмети од областа на македонистиката се осмислени за промоција и популаризација на македонистиката, при што сите заинтересирани студенти ќе можат потемелно да се запознаат и со македонската книжевност, филм, музика итн., во еден поширок културолошки контекст. Истовремено, на Факултетот за литература ќе продолжи наставата и по предметите коишто се изучуваа и досега, при што како учебници се користат изданија подготвени од МСМЈЛК при УКИМ.
Инаку, годинава, во текот на летниот семестар, повеќе од 50 студенти на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет следеа предмети од областа на македонистиката. Имајќи ги предвид новите можности од следната академска година, се очекува бројот да биде поголем. Но, клучно, радува што интересот за македонистиката не запира само во рамките на студиите, туку продолжува и понатаму, што се потврдува и преку интересот на студентите на Истанбулскиот универзитет и за учество на претстојната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.
„Активностите на МСМЈЛК при УКИМ за зајакнување и афирмација на македонистиката на големите универзитетски центри продолжуваат“,
порачуваат од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.