Посебноста на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е прифатена во Европската унија, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост и во која преку македонскиот јазик е прифатена и посебноста на македонскиот идентитет како составен дел и од европскиот идентитет во заедница од 50 милиони луѓе.
Ова го порачува во дел од честитката за денешниот празник „Св. Климент Охридски“, премиерот Зоран Заев.
„Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес. Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес. Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти“,
вели Заев.
Пишувајќи за македонскиот јазик и за ЕУ, премиерот порачува дека почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на Унијата, а испраќа и порака дека предизвиците со кои се соочуваме сега ќе се надминат трпеливо и мудро.
„Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава“,
вели премиерот во честитката.