Фудбалерот вели од клубот каде што настапува им најавиле дека за странските фудбалери ќе се организира транспорт до некоја од границите на Украина, но за тоа мора да се создадат услови. Во моментов, вели тој, воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков кој настапува во првенството на Украина, соопшти дека во моментов се наоѓа на безбедно и дека се чека можност за напуштање на земјата.
„Градот Полтава, каде што се наоѓаме, не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците што сме тука да се организира превоз со минибус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број ресторани. Доколку има некои нови информации, ќе се обидам да пренесам“,
вели Зајков во изјавата што ја пренесува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Зајков е член на фудбалскиот клуб Ворсклва Полтава.