Главниот медицински офицер на словенечката армија, Роберт Карота, преку соопштение за медиумите објави дека на гасот биле изложени 32 лица, од кои 18 припадници на македонската армија, осум пожарникари и шест припадници на словенечката армија. Сите изложени биле прегледани и третирани од Карота на лице место
Осум лица се затруле со јаглерод моноксид додека црпеле вода од подрумот на културниот центар во Чрна на Корошкем. На гасот биле изложени 32 лица, меѓу кои и дел од македонските војници што заминаа во Словенија како помош по катастрофалните поплави. Затруените се пренесени на лекување во болница, јавува РТВ Словенија.
Главниот медицински офицер на словенечката армија, Роберт Карота, преку соопштение за медиумите објави дека на гасот биле изложени 32 лица, од кои 18 припадници на македонската армија, осум пожарникари и шест припадници на словенечката армија. Сите изложени биле прегледани и третирани од Карота на лице место.
Според неговите проценки, сите се надвор од животна опасност, а во исто време во болниците на понатамошно лекување како превентивна мерка испратил пет припадници на словенечката војска, двајца припадници на македонската армија и еден пожарникар. Со хеликоптер биле пренесени во Градец, Марибор, Тополшица и Љубљана.
Во вечерните часови здравствената состојба на уште двајца пожарникари се влошила, кои со возило на Брза помош биле пренесени во болница.
Минатата недела, откако Словенија ја погоди катастрофалното невреме и се соочи со големи поплави, Северна Македонија испрати контингент од 100 војници и опрема како помош на словенечките екипи.
Фото: РТВ Словенија