Како што информираат од СВР Охрид, полицајците од Србија нема да го носат службеното оружје и ќе даваат само поддршка на македонските службеници
Полицајци од македонското и од српското Министерство за внатрешни работи од денеска заеднички ќе патролираат низ Охрид, информираат од Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид.

„Патролите се реализираат врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона на двете министерства, со што е предвидено полицајците заеднички секојдневно да патролираат низ Охрид од 20 јули до 31 август“,
информираат од СВР Охрид.
Целта на овие заеднички патроли е излегување во пресрет на граѓаните за нивните потреби од безбедносен аспект, како и обезбедување на други сервисни потреби.
„Полицајците од Србија нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на РСМ. Тие нема да го носат службеното оружје и ќе даваат само поддршка на полицајците од Охрид“,
се вели во полициското соопштение.

Српските полицајци, како што велат од охридската полиција, пред стапување на оваа работна задача се запознаени со Законот за внатрешни работи на РСМ и Законот за полиција.