Во полициска акција се одземени 960 банкноти од по 100 американски долари, возило што било користено од пријавениот, како и мобилен телефон, соопшти косовската полиција
Управата за борба против стопански криминал и корупција при полицијата на Косово вчеравечер, во соработка со други безбедносни институции, спровела оперативен план за спречување на внесување фалсификувани пари во Косово од страна на македонски државјанин. Како што вели косовската полиција, станува збор за фалсификувани 96 илјади американски долари.
„Осомничениот македонски државјанин И. Д. (1970 година) е фатен на дело при обид да ги пушти во оптек 96-те илјади американски долари, за кои постои сомнение дека се фалсификувани. На приведениот му е одреден притвор од 48 часа“,
велат косовските власти.
Според информациите, осомничениот продавал сто фалсификувани долари за 40 евра. Во полициската акција се одземени 960 банкноти од по 100 американски долари, во вкупна вредност од 96 000 американски долари, возило користено во случајот од пријавениот и мобилен телефон, соопшти косовската полиција.
