Преку објава на Фејсбук, МНР ги информира македонските државјани за времето и локацијата каде што треба да пристигнат, пред да се качат на специјален лет со кој ќе бидат вратени дома. Полетувањето ќе се случи од аеродромот во Ријад, Саудиска Арабија
Македонски државјани кои во моментов се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, а побарале помош од властите во земјава, ќе бидат евакуирани во среда со специјален лет организиран од Владата – информираа денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Преку објава на Фејсбук, ресорното министерство ги информира македонските државјани за времето и локацијата каде што треба да пристигнат, пред да се качат на специјален лет со кој ќе бидат вратени дома.
Граѓаните од Бахреин во 6 часот наутро во среда ќе тргнат со автобус од Манама кон Ријад, Саудиска Арабија. Кон аеродромот во Ријад ноќта помеѓу вторник и среда ќе тргнат и македонските државјани кои се наоѓаат во Кувајт, а граѓаните кои веќе се наоѓаат во Саудиска Арабија, од каде што ќе се случи евакуацискиот лет, МНР ги информира дека е потребно да се присутни на аеродромот утре во 17:00 часот по локално време во КСА, на Терминалот 1.
„Ги замолуваме сите патници да пристигнат навремено на аеродромот, со цел непречено завршување на процедурите пред поаѓањето на летот“,
велат од МНР.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера изјави дека сите македонски државјани од Блискиот Исток кои побарале помош ќе бидат евакуирани во земјава до средината на неделава.
