Меѓу државите потписници на изјавата во поддршка на Меѓународниот кривичен суд, освен земјава, од регионот се сите наши соседи, со исклучок на Србија. На листата поддржувачи на Меѓународниот кривичен суд, од членките на ЕУ, ги нема Унгарија, Чешка и Италија
За став се обративме до Владата од каде што нè упатија на Министерството за надворешни работи, па оттаму очекуваме одговор за потегот на Северна Македонија
Северна Македонија изразува поддршка за Меѓународниот кривичен суд по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции за оваа меѓународна институција. Ова може да се заклучи од објавата на Министерството за надворешни работи на Холандија каде што се наведува дека сите 79 држави потпишани на изјавата изразуваат континуирана и непоколеблива поддршка за независноста и непристрасноста на Судот.
„Судот служи како витален столб на меѓународниот правосуден систем, со тоа што обезбедува одговорност за најтешките меѓународни злосторства и правда за жртвите“,
се наведува во заедничката изјава.
Меѓу поддржувачите на изјавата, освен земјава, од регионот се сите наши соседи, со исклучок на Србија. На листата поддржувачи на Меѓународниот кривичен суд, од членките на ЕУ, ги нема Унгарија, Чешка и Италија.
„Ваквите мерки го зголемуваат ризикот од неказнивост за најтешките злосторства и се закануваат да го нарушат меѓународното владеење на правото, кое е од клучно значење за промовирање на глобалниот поредок и безбедност. Згора на тоа, санкциите може да ги загрозат доверливоста на чувствителните информации и безбедноста на инволвираните – вклучително и жртви, сведоци и судски службеници, од кои многумина се наши државјани“,
пишува во изјавата.
Санкциите сериозно би ги поткопале сите ситуации кои се под истрага бидејќи Судот можеби ќе треба да ги затвори своите теренски канцеларии, се нагласува во писмото.
„Како силни поддржувачи на МКС, жалиме за сите обиди да се поткопа независноста, интегритетот и непристрасноста на Судот. Ние сме посветени на обезбедување на деловниот континуитет на МКС за Судот да може да продолжи да ги извршува своите функции ефективно и независно. Додека колективно се стремиме да ја поддржуваме меѓународната правда, ја нагласуваме незаменливата улога на МКС во ставање крај на неказнивоста, промовирање на владеењето на правото и поттикнување трајно почитување на меѓународното право и човековите права“,
е наведено во изјавата.
Извршната наредба на Трамп, пак, вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на МКС во истрагите против американски државјани или сојузници на САД.
Потегот на Трамп уследи откако минатата недела демократите во Сенатот ја блокираа иницијативата на републиканците за санкционирање на МКС, покрената како одговор на налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот ексминистер за одбрана поради воената кампања во Појасот Газа.
За став се обративме до Владата од каде што нè упатија на Министерството за надворешни работи, па оттаму очекуваме одговор за потегот на Северна Македонија.