Проекциите на Народната банка се дека последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021, а целосно закрепнување може да има во 2022 година. За претставниците на Владата, пак, рецесијата е очекувана и веќе најавена, а кај нив има и оптимизам за раст на БДП наредната година
Македонската економија и официјално е во рецесија откако за два последователни квартали Државниот Завод за статистика објави пад на бруто-домашниот производ (БДП). Во третото тримесечје падот, како што објави ДЗС, е 3,3%, додека во претходниот втор квартал тој беше 14,9%.
Денеска и Народната банка ги смени проекции за македонската економија на полошо. Претходно прогнозираше дека годинава БДП ќе бележи пад од 3,5%, а наредната година ќе има раст од 4,7%, но според новите полоши проекции, се предвидува пад од 4,9%, а раст в година од 3,9%.
„Правиме надолна ревизија на проекциите за развој на домашната економија во целиот период на проекции. Во 2020 проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за побавно закрепнување во втората половина, имајќи ги предвид вториот бран на пандемијата. На среден рок, предвидуваме постепено, но до умерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021, 2022 и 2023 година соодветно. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година“,
рече на денешната прес-конференција гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Согласно тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година.
Закрепнувањето на економската активност во следните две години се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, кој според НБ, релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.
„Најновите оценки за периодот 2020-2023 година упатуваат на продолжени ефекти од пандемијата, наспроти априлските оцени за пократкорочен карактер на здравствената криза. Проекциите за домашната економија укажуваат на поголем пад оваа година и поумерено натамошно закрепнување“,
рече Ангеловска-Бежовска.
За претставниците на Владата, пак, рецесијата е очекувана.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека Владата уште во април најавила дека ова ќе биде година во рецесија. Тоа, вели тој, не е случај само кај нас, туку со истиот проблем се соочуваат и сите други држави.
„Остануваме на проекциите дека крајот на годината ќе биде со пад од 4,4 проценти. На неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на заздравување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30 проценти пад во вториот квартал, да имаме нагло одење во позитива во третиот квартал“,
рече Битиќи.
И министерот за економија Крешник Бектеши, исто така, посочи дека падот на БДП е очекуван.
„Имајќи го предвид трендот што се движи во нагорна линија, очекувам дека ќе ги надминеме проекциите кои ги имавме за 2020 година и нема да имаме поголем пад на БДП од 4,5 отсто на годишно ниво. Падот би требало да се движи од 4,2 до 4,5 отсто“,
вели Бектеши.
Очекувањата и на Битиќи и на Бектеши се дека следната година економијата ќе оди во нагорна линија.
Вицепремиерот рече дека смета оти се движиме во правец кој дава за право да се очекува следната година економијата да има подобар старт. На слична линија е и Бектеши, кој потенцира дека економските мерки даваат резултати и во 2021 се очекува зголемување на БДП.
„Извештаите за туризмот, индустриското производство и извозот и увозот за октомври годинава покажуваат дека бројките одат само во нагорна линија. Очекуваме со завршувањето на пандемијата да имаме уште поголемо зголемување на БДП во 2021 година“,
потенцира Бектеши.
