Во врска со македонската позиција во врска со прашањето за Гренланд, кое прерасна во остар судир меѓу САД и Данска, но и поширок дипломатски конфликт меѓу дел европски членки на НАТО и американската администрација, Муцунски рече дека треба да се има максимално внимателен пристап кон оваа тема, односно државата да не се изјаснува кога никој не очекува реакција од неа

Македонската владина делегација на Светскиот економски форум во Давос беше насочена кон активна комуникација со компаниите што би помогнале за развивање на домашната економија, рече вечерва во интервју за телевизија Сител министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Нашата цел како владина делегација на овој настан беше насочена кон следење на најновите трендови и активна комуникација со компаниите кои можат да ни помогнат во насока на развивање на домашната економија. Јас ги следев овие соопштенија кои опозицијата ги лиферуваше – или не знаат што е Давос или сакаат да ја манипулираат јавноста за каков настан се работи. Нашиот фокус беа економија, трговија, бизнис, инвестиции. И мислам дека многу успешни плодови од овој настан ќе имаме во следниот период“,
рече Муцунски.
Прашан дали немало потреба од политички средби во период кога Македонија има блокирани евроинтеграции, за да се лобира за решавање на проблемите на земјата, министерот одговори дека во јавноста се создал впечаток дека форумот во Давос е политички настан, но неговата главна цел е да се дискутира за економијата, трговијата и енергетиката.
Според Муцунски, овој впечаток бил резултат на тоа што вниманието на медиумите било насочено кон говорите на американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, канадскиот премиер Мајк Карни и други, поради случувањата околу Гренланд.
Сепак, Муцунски додаде дека самиот настан е пред сè наменет за комуникација меѓу компаниите, како и меѓу владите и бизнисите. Како што рече, македонската делегација имала значајни средби со претставници на престижни компании и се надева оти тие ќе донесат конкретен плод за граѓаните. Ги издвои средбите со претставници на компанијата „Фор ај џи“ и на светската корпорација „Филипс“, а додаде дека премиерот Мицкоски бил панелист на форум за енергетика каде што учествувал и американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.
Во врска со македонската позиција во врска со прашањето за Гренланд, кое прерасна во остар судир меѓу САД и Данска, но и поширок дипломатски конфликт меѓу дел европски членки на НАТО и американската администрација, Муцунски рече дека треба да се има максимално внимателен пристап кон оваа тема, односно државата да не се изјаснува кога никој не очекува реакција од неа.
„Гледавме тензии, но потоа како да гледаме период на деескалација меѓу тие што имаа конфликт во тој момент. Така што, ние треба да дискутираме со сите наши партнери. Во моментов се води активна дискусија во рамките на НАТО-алијансата по однос на стратешкото позиционирање на Гренланд, како Алијансата ќе се грижи за безбедносните коридори кои што се блиску до Гренланд. Ние имаме предност што сме членка на НАТО и што први ги добиваме тие информации, и не треба да избрзуваме со реакции кога во овој момент никој не очекува реакција од нас“,
рече Муцунски.
Тој повтори дека Македонија и вредносно, и политички, и стратегиски е ориентирана кон западните вредности – членството во НАТО-алијансата и целта да стане земја членка на Европската Унија, и надворешната политика треба да се води согласно тие интереси.
Во однос на прашањето за недобивање покана на нашата држава во Одборот за мир, Муцунски нагласи дека се уште прават анализа дали ние и би имале интерес да пристапиме кон ваква организација.
„Јас не мислам дека надворешната политика треба да ја третираме низ призмата на симболика, туку треба да ја гледаме низ призмата на резултатите кои се постигнуваат. Се работи за Борд за мир за Газа. Ние и по однос на ова прашање комунициравме со администрацијата во Вашингтон. Но, ние исто така нашето позиционирање по сите овие прашања треба да го гледаме низ призмата не само кои се нашите права, односно сликата да се биде тука, туку и потенцијалните обврски што би се очекувале од земјите кои членуваат во овој Борд. Комуницираме со Вашингтон по ова прашање. Прашањето за Газа не е меѓу клучните приоритети на македонската надворешна политика по однос на партнерството со САД. Ние низ призмата на праксата докажавме што значи да се биде во стратешки односи со оваа администрација, изјави министерот за надворешни работи“,
додаде Муцунски.
На прашањето дали македонската влада има изградено пристап дали би прифатиле доколку Македонија добие покана на Одборот за мир, Муцунски одговори дека не треба да брзаме по однос на оваа прашање. Потенцира дека едно е да добиете права, а друго е какви обврски ќе се преземаат.
