Од амбасадата информираат и дека се во постојана комуникација со властите на Обединетите Арапски Емирати, со цел да организира евакуација на граѓани преку воздушен пат, веднаш по добивање дозвола дека воздушниот простор на ОАЕ е безбеден за летање
Се разгледува можноста за репатриација и евакуација на македонските државјани преку копнената граница со Оман – соопшти вчеравечер на Фејсбук македонската амбасада во Абу Даби, додавајќи дека за ова прашање е во постојана комуникација со властите на оваа земја. Целта, како што велат, е да им се излезе во пресрет на граѓаните што во моментов се затекнати во Обединетите Арапски Емирати.

Од Амбасадата информираат дека од аеродромите во Абу Даби и Дубаи биле пуштени само ограничен број на летови со кои се евакуирани патниците кои биле затекнати во трансфер-зоните по овие аеродроми.
„Во таа насока, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби е во континуирана комуникација со властите на Обединетите Арапски Емирати, со цел да организира и да се разгледа можноста за евакуација и со други летови, веднаш по добивање на дозвола дека воздушниот простор на ОАЕ е безбеден за летање“,
информираат од Амбасадата на Фејсбук.
Сите заинтересирани се повикуваат да се пријават во Дипломатско-конзуларното претставништво Абу Даби. Дежурниот мобилен број на Амбасадата е +971 56 441 7532, а електронската адреса е [email protected].
