Класична музика во микс сo звуци од пила. Глетка во опкружувањето на новата зграда на Македонска филхармонија. По небројните скали што водат до влезот на институцијата, веќе продефилираа елегантни тоалети и костими на отворањето. Но, сега, истиот влез е затворен и е запоседнат од градежни работи. Сликата од напред е пресликана и на задниот дел на објектот каде се уште се издигнати тараби. Новата зграда на Филхармонија беше свечено пуштена во употреба, но речиси половина од објектот не е завршен.
Токму пред 3 месеци на оваа сцена на големата сала во новиот објект на Македонската филхармонија се одржа првиот концерт. Вратите за љубителите на класичната музика беа отворени, но во јавноста останаа отворени прашањата – дали објектот има употребна дозвола и технички прием според сите законски процедури кои треба да ги исполнува?
Новиот в.д. директор на филхармонија, Виктор Илиески, пронашол само еден лист хартија како обид за покритие на предвременото отворање на објектот. Станува збор за документ–протокол со кој изведувачот на градежните работи, фирмата Штрабаг, привремено и ја позајмува концертната сала на Филхармонија заради, како што пишува, завршни акустични мерења. Притоа, во документот јасно се наведува дека малата сала и другите простории треба да бидат затворени. Ова е доказ дека тогашната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска и екс директорката на Филхармонија Маја Чаначевиќ го организираат првиот концерт без да бидат исполнети законските услови.
– Малата сала која што еве денеска е 11 септември, а се уште не е завршена и објектот на Филхармонија и сметам дека таа нетрпеливост во однос на целата постапка, меѓутоа не можам да ја разберам одговорноста и ризикот кој го преземале главните актери при отворањето на овој објект. Бидејќи ова е објект од А категорија и со еден документ за акустични мерења и параметри не може да се пушти во употреба. Јас бев присутен на финиширањето на салата филхармониска во Хамбург каде што точно е дека музичарите ги вршеа акустичните мерења во завршната фаза, но без публика. Тука имавме 1.000 гледачи кои беа дел од тие акустични мерења. Во тој дел мислам дека е направен голем престап врз законите и процедурите за градба – објаснува Илиески.
Според законите, Министерството за транспорт и врски е должно да формира Комисија која треба да направи технички прием на објектот и врз основа на тоа да издаде одобрение за употреба. Воедно, Транспорт и врски е надлежно во име на инвеститорот Министерството за култура да достави барање за запишување на градежниот објект во Катастарот за недвижности. Илиески објаснува дека откако ќе се завршат потребните процедури, на седница на Владата треба да се донесе одлука со која објектот ќе се предаде во владение на Македонската филхармонија. Ако се погледне актуелната состојба во Катастар, парцелата се уште е во сопственост на Р. Македонија и се води како камењар.
Го прашавме Илиески – попрецизно какви обврски му се оставени во наследство.
– На 28 јули се упатив во Министерството за култура да ме информира најдетално за текот на градбата и завршата фаза. Искрено бев фрапиран од главниот податок до моето назначување немаше прикличок кон градската мрежа на БЕГ која е единствен начин за загревање на овој објект и функционирање во грејната сезона, а можете ли да замислите дека се направила програма за институцијата која беше и објавена, не е утврдена и одобрена од претходен Управен одбор, а од друга страна како менаџмент да знаете дека нема да има загревање – објаснува в.д. директорот на институцијата.
За Илиески, уметничкиот аспект на отворањето паднал во вода, а во преден план испливала намерата за отворање на Филхармонија по секоја цена. Филхармонија беше пуштена во употреба пред формирањето на новата влада, кога институциите се уште беа под контрола на ВМРО ДПМНЕ. Функционерите од оваа партија беа најбројни меѓу присутните на првиот концерт во објектот – на пијанистот Симон Трпчевски, под дирегентската палка на Владимир Ашкенази од Русија. Иако тогашната министерка Канческа – Милевска убедуваше дека картите по цена од 2500-3000 денари биле во слободна продажба, подоцна ја демантираше Министерството за култура. Две третини биле поделени гратис, а само 308 билети биле продадени во билетара. Само по оваа основа, Илиески пресметал штета за буџетот на институцијата за речиси 23.000 евра.
Од финансиски аспект, се испоставува дека Филхармонија ќе биде дело на две различни власти – на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ.
Повеќе од половината кон „Штрабак“ за ентериоерот не е исплатен до преземањето на денот на новата влада. Од 26 милиони евра се исплатени 12. 580 милиони евра, тоа е крајната цифра од претходната влада во однос на обврските кон „Штрабак“. На тоа сметам и на сите обврски кои доаѓаат, но таа политика ја води Министерството за култура као главен инвеститор на овој објект – вели Илиески.
За случајот со Македонска филхармонија изостанаа одговори од Канческа – Милевска и Маја Чаначевиќ. И двете не ја прифатија поканата да ја кажат својата верзија на настаните и да кажат – зошто дозволиле концерт, без исполнување на законските услови за тоа. Краток одговор добивме само од поранешната министерка која телефонски отсечно ни рече дека Филхармонија не е нејзин личен објект и дека сите документи ги има во Министерството за култура.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека барањето на Министерството за култура, поднесено во времето на Канческа-Милевска, за издавање одобрение за употреба, е одбиено со решение од 16-ти јуни, по смената на власта. Таму Филхармонија се уште се води како објект во градба. Од транспорт велат дека тие немаат надлежност да бараат одговорност за непочитување на законите.
Државниот инспекторат за градежништво, кој е надлежен за тоа, излегол на терен – констатирал дека објектот нема одобрение за употреба, но од оваа институција не можеше да се добие конкретен одговор – дали и кого ќе гонат за незаконското постапување.
Напишете коментар