„САД извршија притисок без преседан во оваа прилика, а сепак немаат многу што да покажат за тоа. Лекцијата е дека САД имаат капацитет да заплашуваат и присилуваат, но тој е ограничен“, изјави кубанскиот заменик-министер за надворешни работи Карлос Фернандез де Косио за Ројтерс по гласањето за резолуцијата во Њујорк, што ја поддржаа 165 земји членки на светската организација
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера со огромно мнозинство повика на укинување на економското ембарго на Соединетите Американски Држави (САД) врз Куба и покрај лобирањето на Вашингтон, кое, меѓу другото, вклучуваше и обвинувања дека околу 5 000 Кубанци се борат на страната на руските сили во Украина, пренесе Ројтерс.

Резолуцијата за укинување на ембаргото врз Куба ја поддржаа 165 земји членки на светската организација, седум беа „против“, а 12 гласаа „воздржано“.
Меѓу само седумте земји што гласаа „против“ беше и Северна Македонија, која застанаа на страната на САД заедно со Аргентина, Унгарија, Парагвај, Украина и Израел.
Минатата година, Генералното собрание, исто така, усвои резолуција во врска со ова прашање, која тогаш беше поддржана од 187 земји, додека САД и Израел беа единствените што гласаа „против“, а воздржана беше Молдавија.
Куба од своја страна ги отфрли како неосновани тврдењата на САД, објавувајќи информации за правни постапи што се водат против Кубанци за учество во воени активности во Украина, како платеници.
Инаку, Куба отворено застана на страната на Русија во конфликтот, но, истовремено, повика и на мировни преговори за ставање крај на војната во Украина.
Резолуцијата на Генералното собрание на ОН не е правно обврзувачки документ, но има своја политичка тежина, одразувајќи го светското мислење за ембаргото на САД врз Куба, кое датира уште од ерата на Студената војна.
Дополнителна тежина на гласањето му дава и моментот што тоа дојде истиот ден кога Куба беше погодена од ураганот Мелиса, кој предизвика пустош на Карибите.
Генералното собрание на ОН, кое брои 193 члена, ја усвојува резолуцијата секоја година повеќе од три децении. Исклучок беше 2020 година, кога поради ковид-пандемијата не се одржа дебата и гласање по ова прашање.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез пред гласањето ја оцени блокадата од САД како „политика на колективно казнување“.
„Таа очигледно, масовно и систематски ги крши човековите права на Кубанците. Не прави разлика помеѓу социјалните сектори или економските актери“,
рече Родригез, додавајќи дека Куба нема да се предаде.
Од друга страна заменик-амбасадорот на САД во ОН, Џеф Бартос, рече дека гласањето за поддршка на, како што го нарече, „режимот во Куба“, да бара изговори или да се обидува да ги „измие рацете“ од каква било вина за финансиската криза во земјата, продолжувајќи да ја игра играта на обвинувања наместо да спроведува реформи.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја промовираат одговорноста на комунистичкиот режим за нивното однесување на и надвор од островот“, изјави тој пред собранието по гласањето.

Кубанскиот заменик-министер за надворешни работи, Карлос Фернандез де Косио, во интервју за Ројтерс во Хавана изјави дека гласањето и дебатата во Њујорк докажале дека релативно малку земји се подложни на зголемениот притисок на САД врз Куба.
„САД извршија притисок без преседан во оваа прилика, а сепак немаат многу што да покажат за тоа. Лекцијата е дека САД имаат капацитет да заплашуваат и присилуваат, но тој е ограничен“,
вели Де Касио за новинската агенција.
Инаку, Соединетите Американски Држави постојано гласаат против резолуциите на ОН од 1992 година, но се воздржаа по првпат во 2016 година под водство на поранешниот претседател Барак Обама, кој ги омекна санкциите на Вашингтон кон Хавана, во обид да воспостави поблиски односи меѓу двете земји.
Сепак, САД продолжија со тврдиот став и се спротивставија на резолуцијата за време на првиот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа. Трамп, исто така, ги повлече речиси сите мерки преземени од Обама за ублажување на ембаргото и подобрување на врските меѓу Соединетите Американски Држави и нивниот стар непријател од Студената војна.
Соединетите Американски Држави продолжија да гласаат против резолуцијата и за време на администрацијата на наследникот на Трамп, претседателот Џо Бајден.
