Австрија објави дека до август ќе бидат испорачани 651 000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ на шесте земји од Западен Балкан, како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка.
Дистрибуцијата се очекува да почне во мај, а според планот, Босна и Херцеговина ќе има најголем дел, 214 илјади, Албанија 145 илјади, Косово 95 илјади, Црна Гора 42 илјади и Србија, иако е една од државите кои најуспешно ја спроведуваат имунизација, ќе добие 36 илјади вакцини.
„Со оваа иницијатива покажуваме дека не го оставаме регионот зад нас“,
изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, кој потенцира дека Австрија лично преговараше со „Фајзер/Бионтек“ за овие земји да добијат вакцини.
Европската комисија во јануари претстави план за дистрибуција на вакцините, а Австрија потврди дека таа ќе биде координатор на помошта за Западен Балкан и дека оваа дистрибуција може да ја следат и други.
Австрискиот министер, исто така, рече дека вредноста на испораката е 11 милиони евра и дека вакцините ќе се плаќаат од фондовите за помош на ЕУ на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Унијата.
„Ова нема апсолутно никаква врска со обезбедувањето вакцини за Австрија или за другите земји на ЕУ“,
рече Шаленберг, чија влада се соочува со зголемено незадоволство во јавноста од бавното темпо на вакцинација.