Македонските репрезентативци веќе утре заминуваат за Англија каде на 19 јуни на „Олд Трафорд“ во Манчестер ќе играат против репрезентацијата на Англија која е лидер во групата

Македонската фудбалска репрезентација вечерва не успеа да ја сочува предноста од два гола која ја имаше во првото полувреме и на крајот загуби од Украина со 2-3. Натпреварот се играше во рамки на квалификациите за ЕУРО 2024 што треба да се одржи во Германија.
Резултатот во првото полувреме го отвори Енис Барди кој во 31. минута од пенал досуден по интервенција на ВАР собата ја затресе украинската мрежа. Неговиот репрезентаивен соиграч Елиф Елмас девет минути подоцна го зголеми водството на Македонија на 2:0 со прецизен удар од околу 30 метри.
На полувремето македонската репрезентација замина на одмор со предност која и ветуваше три бода.
Со судискиот свиреж за почеток на второто полувреме имаше и целосно различна слика на теренот. Прв гол за надеж на украинската репрезентација даде Илја Забарњи во 62. минута и го намали македонското водство на 2:1: голот беше постигнат по вториот корнер за гостите. Шест минути подоцна Јуким Конопља го даде вториот гол за Украина со што дојде до изедначување на резултатот.
Во второто полувреме помошникот на селекторот Благоја Милевски, Роберт Стојановски, направи тројна замена, кога на местото на Ашковски, Адеми и Несторовски ги пушти во игра Брдаровски, Атанасов и Милан Ристовски, во обид да внесе свежина во тимот, но тоа не даде никакви резултати.
Целосниот пресврт на натпреварот имаше во 83. минута кога Виктор Цигангов со глава го постигна третиот, решавачки гол на овој натпревар.
Хендикеп за македонската репрезентација беше кога во 72. минута дојде до исклучување на Висар Муслиу кој доби втор жолт картон и мораше да го напушти натпреварот.
За двете репрезентации ова беше втор натпревар во квалификациите за Европското првенство.
На вториот натпревар од Ц-групата одигран вечерва, Англија како гостин ја совлада Малта со 4:0.
Македонските репрезентативци веќе утре заминуваат за Англија каде на 19 јуни на „Олд Трафорд“ во Манчестер ќе играат против репрезентацијата на Англија која е лидер во групата. Вториот натпревар од истото коло ќе биде меѓу Украина и Малта.