Дека сите патни правци во државата се проодни и дека нема застој информира и министерот за транспорт Александар Николоски, кој преку видео објавено на социјалните мрежи рече дека е на терен за да ја провери состојбата со справувањето со снегот
И покрај тоа што сообраќајот по државните патишта се одвива по зимски услови и претежно по влажни коловози, сите патни правци во моментов се проодни, соопшти Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Оттаму информираат дека на планинските превои Попова Шапка, Стража, Маврово–Брод и Буково провејува слаб снег, без подолго задржување на коловозот. Предупредуваат дека на одредени патни правци кои минуваат низ усеци и клисури е можна појава на поситни одрони поради што препорачуваат зголемено внимание при возење.
„Возачите внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината според условите на патот“,
апелираат од „Македонија пат“ и додаваат дека дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат патните правци проодни и безбедни за сообраќај.
Дека сите патни правци во државата се проодни и дека нема застој вечерва информира и министерот за транспорт Александар Николоски, кој преку видео објавено на социјалните мрежи рече дека е на терен за да ја провери состојбата со справувањето со снежните наноси кои почнуваат да ја зафаќаат и земјава.
„Во близина на селото Скудриње сме. Има две секции кои веќе се покриваат, едната е Косоврасти, другата е Маврово. Веќе се ставени во функција сите камиони со кои располага ‘Македонија пат’, а исто така помагаат и компаниите кои се ангажирани да работат на расчистување на снегот“,
изјави Николоски додавајќи дека и во следните денови ќе биде во постојана комуникација и координација со „Македонија пат“ со цел непречено одвивање на сообраќајот во државата.
Министерот апелира граѓаните да возат внимателно, да користат зимски гуми, доколку е потребно и помошна опрема, како и да ја приспособуваат брзината на возење согласно условите на теренот.
