Херојот на натпреварот беше Езѓан Алиоски кој со волеј удар ја затресе мрежата на Белгија за израмнување на резултатот

Репрезентацијата на Македонија вечерва одигра нерешено на натпреварот против Белгија на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Со резултат 1:1, кој беше заокружен во 86. минута од натпреварот, Македонија се наоѓа на втората позиција на табелата во квалификациската група Ј за Светското првенство во 2026 година.
Македонија досега има одиграно три натпревари, а за Белгија ова беше првиот меч во групата.





Херојот на натпреварот беше Езѓан Алиоски кој со волеј удар ја затресе мрежата на Белгија за израмнување на резултатот.
Во првото полувреме од натпреварот Македонија преку Барди имаше шанса да поведе. Имаше и две шанси за Елмас и Алиоски, но и двајцата ги погодија стативите.
По овие неуспешни обиди, казната за македонската репрезентација стигна во 28. минута од натпреварот. Шутот на Лукаку беше блокиран од македонската одбрана, но топката одбиено стигна до Де Кјупер кој ја погоди мрежата од македонскиот гол за водство на Белгија од 0:1.
На почетокот од второто полувреме Елиф Елмас ја затресе мрежата на белгискиот голман Матс Селс, но судијата веднаш сигнализираше дека ќе се врши проверка на ситуацијата преку ВАР-системот.
По гледањето на снимката беше донесена одлука голот да не се признае поради офсајт позиција во која беше Бојан Илиевски во моментот кога топката се одби од него и влезе во мрежата.
Во 73. минута судијата не досуди пенал за Македонија откако Барди евидентно беше фаулиран.
Македонија во понеделник ќе гостува во Астана, кај Казахстан, а Белгија ќе го пречека Велс.