Новите одлуки стапуваат во сила на 22 јули
Македонија од четврток ќе биде преместена од портокаловата во зелената листа за патување на Кипар, што значи дека македонските државјани ќе можат да патуваат на островот без никакви ограничувања, односно без задолжителен негативен тест за ковид-19 или карантин, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно новата категоризација на земјите, односно „Процената на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19“, објавена денеска од кипарското Министерството за здравство, Македонија, заедно со Канада и Србија, од втората, преминуваат во првата категорија.
Земјите се поделени во три зони во зависност од епидемиолошката слика: зелена, портокалова, црвена и за секоја од нив важат посебни правила, а државите кои не се во некоја од овие листи се во сивата зона.
Во првата (зелена) категорија, односно „земји со ниска опасност”, нашата земја е заедно со уште 27 држави, односно Австрија, Бугарија, Германија, Естонија, Италија, Хрватска, Латвија, Литванија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шведска, Чешка, Монако, Ватикан, Швајцарија, Исланд, Норвешка, Австралија, Јордан, Израел, Канада, Нов Зеланд, Србија и Сингапур и за државјаните на овие земји, не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.
Како што претходно објавени МИА, од 8 јули 2021 година Македонија се најде во портокаловата зона и задолжителен беше негативен ПЦР тест направен 72 часа пред заминувањето, откако беше преместена од третата, црвената категорија.
Од земјите од регионот, Бугарија и Србија се во зелената категорија, Грција во портокаловата, а Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во последната, црвена зона.
Од Министерството за здравство на Кипар потенцираат дека категоризацијата на земји е динамична и може да се промени во било време согласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци, па затоа, листите континуирано се ажурираат, секоја седмица.
Новите одлуки стапуваат во сила на 22 јули 2021 година.