Освен крај на ЕУ-перспективите, Ковачевски рече дека десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ може лесно да ги наруши и меѓуетничките односи
Според Ковачевски, потребен е силен СДСМ во Собранието за да, како што рече, не дозволиме ВМРО повторно да владее неконтролирано и да се коцка со иднината, стабилноста и безбедноста на државата

Нема откажување од европската иднина, од европски вредности, од европски правила на игра. Кога СДСМ ќе каже дека нема откажување, тоа значи дека навистина нема откажување по било која цена. Ова е пораката што лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски ја повтори од вечерашниот митинг во Радовиш и додаде дека тоа го кажува во настапите во сите градови.
Македонија мора да ја биде, рече Ковачевски и додаде дека сите во партијата се борат за рамноправна Македонија во Европа.
На овие избори, рече Ковачевски, одлучуваме дали нашата држава ќе продолжи цврсто да гази по европскиот пат или сите заедно повторно ќе станеме заложници на авторитарна држава водена од белата криминална палата.
Ковачевски рече дека имало пропусти во нивната работа во изминатите седум години и оти граѓаните не биле задоволни.
„Знам дека граѓаните се незадоволни од инфлацијата, од борбата против корупцијата, од самоволието на одредени политичари членови на нашата коалиција кои од партиска и етничка припадност направија своја лична професија и со тоа го рушеа угледот на Владата. Казната за тоа стигна на 24 април, казна што јас и моите другари од СДСМ и Коалицијата за европска иднина ја прифативме достоинствено и без негодување, бидејќи граѓаните имаат право да испратат силна порака и тоа го направија. Но, апелирам и повикувам секој од вас убаво да раззмисли како ќе гласа на 8 мај“,
рече Ковачевски.
Тој вели дека десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе стави крај на ЕУ-перспективите, крај на независните медиуми, крај на борбата за независно судство.
„Не дозволувајте ВМРО да продава евтини демагогии за иднината. Сетете се како неговиот ментор од Будимпешта ја ограби и ја зароби државата. Сетете се на повеќе од пола милијарда евра народни пари потрошени за криминалниот проект Скопје 2014. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор кои ги запишуваа по списоци, пикаа по автобуси и носеа на контра протести во Скопје, на натепаните студенти. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци и фамилијата која беше на власт“,
рече Ковачевски.
Освен крај на ЕУ-перспективите, Ковачевски рече дека десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ може лесно да ги наруши и меѓуетничките односи.
„Видете како предизборната кампања, Мицкоски и Силјановска наместо во натпревар на проекти и идеи ја претворија во националистички скандирања и препукувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испратете им јасна порака и на Мицкоски и на Ахмети и на Силјановска и на едните и на другите дека ниту еден граѓанин не сака да се вратиме повеќе од 20 години наназад дека не сакаме повторно да се распалат меѓуетничките тензии“,
рече тој.
Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и да покажат дека Македонија има прогресивни и умни луѓе кои сакаат иднина во ЕУ, а не враќање во минатото на конфликти и војни.
Според Ковачевски, потребен е силен СДСМ во Собранието за да, како што рече, не дозволиме ВМРО повторно да владее неконтролирано и да се коцка со иднината, стабилноста и безбедноста на државата.
На митингот во Радовиш, Ковачевски рече дека граѓаните одлучуваат кој пат ќе го фати државата.
„Вие одлучувате кој пат ќе го фатиме. Ако не излезете да гласате, другите ќе одлучат во ваше име. Ако гласате ‘против’, само за да казните некого, тоа може да има сериозни негативни последици кон иднината на Македонија. Ако гласате ‘против’ тогаш гласате и против европската иднина на вашите деца и внуци. И затоа ги повикувам сите граѓани, излезете на гласање во среда и гласајте ‘за’. Гласајте за европска иднина, гласајте за европски стандарди и вредности, гласајте за држава во која ќе сакаат да останат вашите деца“,
рече Ковачевски.
Пред радовишани се обрати и носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Венко Филипче, кој им порача на членовите на СДСМ дека сега повеќе од било кога е потребно единство.
Според Филипче, во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција, туку што е на другата страна, која е алтернативата и дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив.
„Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат“,
рече Филипче.