Првата апликација на Северна Македонија во „Дигитална Европа“ ќе биде за визуелизација на артефактите во земјава – проект за кој веќе има идеја и материјал за аплицирање, вели министерот Алиу

Северна Македонија може да аплицира за проекти што ќе се финансираат од фондот „Дигитална Европа“ чиј буџет е 7,5 милијарди евра и се насочени за потребите на државата во областите вештачка интелигенција, суперкомпјутери, кибербезбедност, напредни дигитални вештини и напредни технологии. Ова е дел од договорот за програмата „Дигитална Европа“ на ЕУ до 2030 година кој го потпишал министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во Брисел.
Во програмата за дигитална трансформација на општеството, која е отворена пред две години, како што информира министерот Алиу, покрај земјава се и Србија и Црна Гора.
„Програмата за дигитална трансформација е поделена во пет клучни области, и тоа вештачка интелигенција – со вкупен буџет од 2,1 милијарди евра, суперкомпјутери со буџет од 2,2 милијарди евра, кибербезбедност со 1,6 милијарда евра, напредни дигитални вештини со 580 милиони евра и напредни дигитални технологии со вкупен буџет од 1,1 милијарда евра“,
рече Алиу на денешната средба со новинарите.
Првата апликација на Северна Македонија во „Дигитална Европа“ ќе биде за визуелизација на артефактите во земјава – проект за кој, како што рече министерот, веќе има идеја и материјал за аплицирање.
„Тука ќе почнеме да работиме и ќе видиме колку време ќе ни треба за да може да се аплицира“,
додаде министерот.
Алиу вели дека идејата е да има што повеќе апликации за проекти за што тој ќе има интензивна комуникација со цел да бидат промовирани можностите за достапноста на овие фондови и за нив да бидат информирани и поттикнати на соработка јавните институции, универзитетите и приватниот сектор.
Тој најави дека в четврток ќе има средба со проректори на државните универзитети и со декани на техничките факултети за да се направи листа на експерти што знаат да пишуваат апликации за проекти. За секоја од петте клучни области ќе се формираат работни групи составени од претставници од јавните институции, од универзитетите и од приватниот и невладиниот сектор.
„Очекуваме во активностите да соработуваат јавните институции, високото образование и приватниот сектор и заедно да аплицираат на што е можно повеќе проекти за дигитална трансформација на нашата држава. Веќе од оваа недела ќе почнеме сензибилизација на институциите. Првата средба ќе ја имам в четврток, наредната недела ќе имам средба и со МАНУ и приватниот сектор. Сакам до крајот на овој месец веќе да имаме драфт работни групи“,
рече Алиу.
Според него, има широк опсег на области во кои може да се аплицира, како што се развивање иновации на компаниите, нивно дигитализирање со што ќе станат компатибилни со ЕУ и светот, проекти во образованието, како и апликации за новата Агенција за кибербезбедност што треба да профункционира во 2024 година, а за која за месец и половина ќе биде подготвен нацрт-законот. Унапредувањето на дигитални услуги, нагласи Алиу, носат многу придобивки за подобрување на секојдневните процеси што им го олеснуваат животот на граѓаните, го заштедуваат нивното време и воедно ја намалуваат и корупцијата.
Покрај национални, апликациите за програмата „Дигитална Европа“ може да бидат и регионални, така што Алиу утре во Белград ќе има средба со министерот на Србија за можни заеднички проекти од „Дигитална Европа“ затоа што, како што рече, некои процеси се многу поголеми од капацитетот што ние го имаме како држава – и од аспект на нудење услуги и од аспект на човечки ресурси.
„За вештачка интелигенција ние сѐ уште немаме докторски студии и експерти кои ќе работат на проекти од оваа област во програмата. Зошто да немаме регионален центар во кој ќе се произведува кадар за вештачка интелигенција и кибербезбедност итн. Еден од столбовите е и Напредни дигитални вештини кој поддржува обуки или студиски програми, така што планираме заедно со регионот да направиме некој регионален хаб за да аплицираме за таква студиска програма“,
додаде Алиу.
За изборот на проекти за кои ќе се аплицира МИОА ќе се раководи по Патоказ за дигитална трансформација на државата кој, како што рече Алиу, ќе нѐ води цело време каде да аплицираме.
„Затоа што ние сме мала држава, со мал капацитет, и да не правиме од сѐ по малку, а ништо како што треба. Идејата е да имаме здрав патоказ на дигитална трансформација“,
рече Алиу додавајќи дека земјава нема човечки ресурси и експерти и поради тоа е најслаба во апсорбирање на фондовите на ЕУ.