Програмата има за цел да ги заштити, развие и унапреди културната и јазичната разновидност и наследството, како и да ја засили конкурентноста на економскиот потенцијал на културните сектори и аудиовизуелниот сектор
Северна Македонија потпиша Договор со Европската Унија за учество во новата програма „Креативна Европа 2021-2027“ која е наменета за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, велат од Министерството за култура. Договорот го потпишаа Агнеза Руси, амбасадорката при Мисијата на РСМ при ЕУ и Марија Габриел, комесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади на ЕУ. Со потпишувањето на договорот, Македонија стана полноправна учесничка во новата програма на Унијата.
„Програмата ја препознава културната разновидност како главен приоритет преку кој треба да се одговори на предизвиците со кои се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор денес“,
велат од Министерството за култура.
Како што истакнуваат од Министерството за култура, програмата има за цел да ги заштити, развие и унапреди културната и јазичната разновидност и наследството, како и да ја засили конкурентноста и на економскиот потенцијал на културните сектори и на аудиовизуелниот сектор.
„Програмата стреми кон усогласување на овие приоритети со подемот на дигиталните, инклузивните и еколошките политики на Европската Унија во смисла на обезбедување нивна одржливост“,
истакнуваат од Министерството за култура.
Буџетот на Европската Унија обезбеден за оваа програма изнесува 2,44 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година.
„Финансирањето на Европската Унија во рамки на различните акции на програмата се движи од 80 до 40 отсто што е потврда за високото учество на неповратни средства и високиот износ на максимални средства за одобрени проекти. Програмата нуди можност за различни видови поддршка на релевантните сектори и опфаќа многубројни целни групи како потенцијални учесници во проектите (културни и креативни сектори, аудиовизуелен сектор, образовни институции, граѓански здруженија, општини и локални институции, приватни организации и др.)“,
велат од Министерството.
Од Министерството за култура потенцираат дека влијанието што се остварува со резултатите од имплементираните проекти претставува значајна поддршка во развојот на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор на национално ниво.
Програмата на национално ниво се спроведува преку Канцеларијата за „Креативна Европа“ при Министерството за култура и Агенцијата за филм. Канцеларијата функционира како советодавно и информативно тело за спроведување на програмата.