Со издавањето на еврообврзницата и со заемите од ММФ, Светска банка и од ЕУ, кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите за годинава, односно дефицитот предвиден со ребалансот на буџетот
Северна Македонија ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Задолжувањето е на шест години, а каматната стапка по која е издадена изнесува 3.675 проценти, што според Министерствот за финансии, е втора најниска камата, веднаш по еврообврзницата издадена во 2018 година.
Ова, како што соопшти Министерството за финансии, ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на кризата со ковид-19, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање.
„Исто така, интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше пет пати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатланските интеграции“,
велат од Министерството за финансии.
Како што велат од Министерството, со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра, како и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра, кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите за годинава. Односно, се покрива дефицитот проектиран на 6,8 отсто од БДП со ребалансот и обврските врз основа на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и средства за справување со евенутален повторен шок и, зависно од развојот на настаните, делумно финансисрање на потребите за следната година.
Земјава има излезено седумпати досега на меѓународниот пазар на капитал, вклучувајќи ја и денес издадената еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа во 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година. Најниска камата од 2,75 отсто има еврообврзницата од 2018 година, додека највисока во 2009 година од 9,875 проценти – во период на светската економска криза.
