Словенечката европратеничка со македонско потекло е согласна дека Албанија, а особено Црна Гора, предничат во регионот и се најнапредни во спроведување на реформите, но, сепак, вели дека напредок постигнала и Северна Македонија и тоа треба јасно да се каже
Мислам дека не е фер Северна Македонија да се става во истиот кош со Србија и Босна и Херцеговина во однос на нејзиниот напредок на патот кон Европската Унија – изјави словенечката европратеничка Ирена Јовева во изјава за МИА два дена откако Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на земјава за 2025 година.

Јовева е согласна дека Албанија, а особено Црна Гора, предничат во регионот и се најнапредни во спроведување на реформите, но, сепак, вели дека напредок постигнала и Северна Македонија и тоа треба јасно да се каже.
„Не е до толку дека македонската држава не напредувала, има напредок, но оценката е премногу генерална, премногу општа. Секако, не може да се каже дека Северна Македонија напреднала толку колку и Црна Гора, но заслужува да се каже јасно и гласно дека има напредок. Не би сакала да испадне дека ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или ЕК, но мислам дека малку не е фер да испадне дека сме, ако така смеам да кажам, во истиот кош со Србија, па и со Босна и Херцеговина“,
изјави европратеничката Јовева, која има македонско потекло.
Вели дека наративот оти земјава не постигнала никаков напредок изминатата година не е во ред, пред сè, од страна на Европската комисија. Според неа, Македонија напредува и е на добар пат во процесот на пристапување кон ЕУ.
„Како некој што има доста добри контакти и увид во сето она што се случува, воопшто не можам да се сложам со проценките дека ЕУ не сака да ја прими Македонија и дека ја користи Бугарија како изговор. Мислам дека на таквите проценки не им е место, посебно не сега. Моментумот е тука. Тоа нема врска со сакање или несакање, туку со реалноста, а реалноста е дека Северна Македонија има направено напредок“,
вели Јовева.
Европратеничката додава дека земјава заслужува место во ЕУ и дека кога-тогаш ќе стане членка на Унијата.
