Двајцата министри истакнаа дека тој ќе овозможи поголема слобода и флексибилност за авиокомпаниите, поефикасно работење и нови услуги и подобри конекции, нови дестинации и конкурентни цени за патниците

Договорот за редовен воздушен сообраќај меѓу Македонија и Велика Британија потпишаа денеска во Лондон заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и британскиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација, Киер Метер.
Како што соопштија од Министерството за транспорт, овој Договор отвора можност за воспоставување на нови директни авиолинии меѓу двете земји, што се очекува да придонесе за значително зголемување на бројот на туристи од Велика Британија.
Договорот, потпишан на иницијатива на Велика Британија, воспоставува нова правна рамка која ги регулира односите во редовниот воздушен сообраќај.
Двајцата министри истакнаа дека тој ќе овозможи поголема слобода и флексибилност за авиокомпаниите, поефикасно работење и нови услуги и подобри конекции, нови дестинации и конкурентни цени за патниците.
Вицепремиерот Николоски по потпишувањето потенцираше дека Македонија бележи „огромен раст во авиосообраќајот во последната година“, со што претставува сериозна конкурентна земја во регионот. Тој додаде дека овој развој е резултат на владините политики за цивилен воздушен сообраќај, а домашните аеродроми имаат голем потенцијал за опслужување на нови авиокомпании и патници.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека Договорот регулира и интермодален превоз, важен за карго транспортот и воспоставува висок степен на заштита и безбедност на авиокомпаниите и патниците, усогласени со ИКАО стандардите.