Министерот информира дека делегацијата која ќе патува во Соединетите Американски Држави ќе биде предводена од него, а во неа ќе бидат вклучени и министрите за внатрешни работи (Панче Тошковски), за одбрана (Владо Мисајловски), за дигитална трансформација (Стефан Андоновски) и за енергетика, рударство и минерални суровини (Сања Божиновска). Нивен домаќин ќе биде заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Лендау
На прашањето дали очекува со стратешкиот дијалог да дојде до повлекување на визите за македонските граѓани или барем враќање на иселеничките визи чие издавање САД го запреа во јануари за земјава, Муцунски рече дека се очекува да има дискусија за прашањата поврзани со визната политика кои се во рамките на она што е наш приоритет
Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) на 7 април во Вашингтон ќе одржат сесија од стратешкиот дијалог меѓу двете држави, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телевизија Телма.

Како што кажа Муцунски, со тоа ние ќе бидеме првата земја од Европа што во мандатот на актуелната администрација на САД ќе има стратешки дијалог во Вашингтон со американскиот Стејт департмент.
Министерот информира дека делегацијата која ќе патува во Соединетите Американски Држави ќе биде предводена од него, а во неа ќе бидат вклучени и министрите за внатрешни работи (Панче Топковски), за одбрана (Владо Мисајловски), за дигитална трансформација (Стефан Андоновски) и за енергетика, рударство и минерални суровини (Сања Божиновска).
„Од страна на Соединетите Американски Држави наш домаќин ќе биде заменикот-државен секретар на САД г. (Кристофер) Лендау. Исто така значајно е да се укаже дека јас како министер за надворешни работи сум меѓу ретките кој во помалку од една година ќе има три билатерални средби, покрај многуте, со најтесното раководство на американскиот Стејт департмент – претходниот мај со г. (Марко) Рубио, оваа есен, во рамките на министерскиот состанок со г. Лендау и сега повторно со г. Лендау“,
рече Муцунски.
Тој посочи дека преку овој стратешки дијалог македонските граѓани ќе видат многу големи ефекти, како во делот на политичката и безбедносна соработка, но и во однос на многу други прашања кои ќе бидат објавени по завршувањето на средбата.
„Секако јавноста ќе биде информирана за сето она што сме го договориле и какви промени во билатералните односи во позитивна смисла сме успеале да усогласиме во последниот период“,
рече шефот на македондската дипломатија.
На прашањето дали очекува со стратешкиот дијалог да дојде до повлекување на визите за македонските граѓани за САД или барем враќање на иселеничките визи, чие издавање САД го запреа во јануари за земјава, Муцунски рече дека се очекува да има дискусија за прашањата поврзани со визната политика кои се наш приоритет.
„Јас јавно имам кажано дека нашиот приоритет во визната политика со САД е насочен кон она што ние го имаме како интерес, а тоа е бизнис, образование, тоа е наука, тоа е туризам…Во делот на политиката за олеснет влез во САД има тема која што се дискутира во Вашингтон и секако се надевам дека преку тој дијалог ќе донесеме низа позитивни вести, дел за работи поврзани со наши стратешки определби, тука зборувам за безбедноста, борбата против криминалот и корупцијата, но и вакви прашања кои граѓаните директно ги чуствуваат“,
кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Инаку, Муцунски информацијата за сесијата од стратешкиот дијалог со САД на 7 април ја соопшти откако беше прашан дали со безрезервната поддршка што македонската влада ја даде на Вашингтон по почетокот на воената операција во Иран земјава се оддалечува од Европа, односно Европската Унија, од каде дошле критички тонови во врска со овие случувања.
Шефот на дипломатијата не се согласи со оваа теза, наведувајќи дека некои од нашите сојузници во НАТО имале идентичен став како Македонија.
„Не го делам ставот дека имало таква форма на реакции, посебно од најголемите европски држави. Прво ќе најбројам некои наши НАТО-сојузници кои имаа, јас би рекол, целосно ист став како нас – Канада е еден таков сојузник, Албанија е еден таков сојузник…Германија и Велика Брутаниј, па и некои други европски земји имаа став поврзан со нивното гледиште за ова актуелно раководство во државата Иран“,
рече Муцунски.
Прашан дали сме подготвени технички и со луѓе да учествуваме при евентуална копнена инвазија на Иран, шефот на дипломатијата рече дека станува збор за хипотетичко прашање, кое не е логично, бидејќи, како што наведе, од она што може да се слушне од Вашингтон, целта на САД воопшто не е да влезе со трупи во Иран.
„Утре ние можеме да поставиме прашање дали САД планираат да влезат со трупи во Јемен, па дали ние би се придружиле и таму. Ова е хипотетичко прашање, но по развојот на актуелните состојби во Иран и тоа што се најавува од официјален Вашингтон немаме очекувања дека такво нешто би се случило за да бидеме доведени во ситуација да одговараме дали планираме или не планираме. Одлуката за учество на наши трупи во воени дејствија е сложена одлука која што се донесува на многу степени на одлучување во државата. А ние сепак сме дел и од НАТО, така што сметам дека би било многу неодговорно да хипотетизирам во една ваква ситуација, особено по јавно кажаните намери на Соединетите Американски Држави. Тие воопшто немаат намера да имаат трупи на територијата на Иран во овој момент“,
изјави Муцунски.
