Македонските репрезентативци беа скоцнетрирани, пред сè на одбраната, и имаа само еден удар кон противничкиот гол
Македонската фудбалска репрезентација вечерва одигра нерешено против Ирска на стадионот „Авива“ во Даблин. Пријателскиот натпревар на двете селекции, кои минатата недела со порази во полуфиналните баражи останаа без пласман на Светското првенство, беше без постигнат гол и мечот заврши 0:0.

Македонските репрезентативци беа скоцнетрирани, пред сè на одбраната, и имаа само еден удар кон противничкиот гол.
Почетната иницијатива на натпреварот ја имаа домаќините, но првата шанса беше на Барди чиј удар од слободен удар во 21.минута беше одбранет од голманот Келехер.
Во следните пет минути, македонскиот голман Столе Димитриевски го одбрани ударот со глава на Перот, а потоа Азез беше непрецизен од слободен удар.
Во последните пет минути од првото полувреме имаше две шанси за Ирска, но овој пат Перот од десетина метри го префрли голот на Димитриевски, а во 43 минута голот што го постигна беше поништен поради офсајд.
Во вториот дел од натпреварот домаќините тргнаа поофанзивно, но во 52.минута пропуштија шанса за водство кога повторно Перот од непосредна близина ја погоди стативата.
Неколкуте измени и повреди на теренот на двете страни во продолжението само дополнително го забавија темпото на натпреварот до самиот финиш, кога домаќините во судиското продолжение од седум минути преку Кени пропуштија идеална шанса за победа пред своите гледачи.
Македонскиот селектор Гоце Седлоски направи четири измени во почетниот состав од дуелот во четвртокот против Данска во Копенхаген, давајќи им шанса на Велковски, Костадинов, Алими и дебитантот Фетаи на местата на Муслиу, Ќамили, Стојчевски и Атанасов.
