Денешниот натпревар против Холандија на Евро 2020 е најверојатно последен и за селекторот Ангеловски
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев денеска ќе го одигра својот последен натпревар во репрезентативниот дрес. Натпреварот е закажан во 18 часот против Холандија на Арената „Јохан Кројф“ во Амстердам. Ова ќе биде и последниот натпревар на македонската репрезентација во рамките на Евро 2020, а според објавите, најверојатно, ќе биде последен и за Игор Ангеловски-Мрме како селектор на репрезентацијата.
Пандев на вчерашната прес-конференција објави дека става крај на репрезентативната кариера по натпревар против Холандија на Европското првенство.
„Да, ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес“,
изјави Пандев.
„На моите соиграчи им посакувам да се пласираат на Светското првенство. Верувам дека можат да го остварат тоа, бидејќи станува збор за фантастични играчи“,
додаде Пандев.
Натпреварот против Холандија, денеска со почеток од 18 часот, ќе биде 122. за 37-годишниот Пандев од неговото деби во националниот дрес во 2001 година во мундијалските квалификации против Турција.
Пандев ќе се збогува со националниот дрес како фудбалер со најмногу настапи и најдобар стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал со 37 гола, вклучувајќи го и историскиот прв на Европските првенства, кој го постигна против Австрија на 13 јуни во рамки на првото коло од групата Ц на Евро 2020.
„Среќен сум што сум дел од овој тим, кој направи историја. Едвај чекаме да започне утрешниот натпревар и да дојдеме до позитивен резултат“,
рече Пандев.
Селекторот Ангеловски најави дека неговиот договор со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) наскоро завршува, што значи дека денешниот натпревар, најверојатно, ќе биде последен и за него како селектор на репрезентацијата.
„Мојот договор завршува, а јас само можам да му кажам благодарам на човекот што седи до мене (Горан Пандев), најдобриот фудбалер во историјата на македонскиот фудбал. Среќен сум што работев со таков капитен и таков човек. Знаеме каде бевме пред пет и пол години, на 162. место на ФИФА, а каде ја донесовме Македонија – на Европско, второ место во квалификации за СП. Тоа доволно говори за сѐ што направивме. Јас максимално посветено до последен ден ќе го одработам договорот, а не сакам ништо да зборувам за иднината“,
рече Ангеловски на вчерашната прес-конференција од Амстердам.
Тој, пред денешниот последен натпревар на Евро2020, рече дека Македонија ќе се бори да постигне позитивен резултат и на убав начин да го заврши дебито на ЕП.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во комплетен состав го одржа единствениот тренинг на Арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, на која утре против домаќинот Холандија ќе го одигра завршниот натпревар на Евро 2020.
По двата пораза во групата Ц од Австрија (1:3) и Украина (1:2), „црвено-жолтите“ влегуваат мотивирани во дуелот со Холандија, најавувајќи дека ќе се обидат со позитивен резултат да го одбележат последниот настап во репрезентацијата на капитенот Горан Пандев.
Завршниот натпревар на својот дебитантски настап на европските првенства избраниците на селекторот Игор Ангеловски го играат вечерва со почеток од 18 часот.