Имаме заедничка цел – да застанеме заедно во борбата против криминалот и корупцијата и соединети во иста цел за еден сеопфатен ветинг, како во законодавната така и во извршната и судската власт, порача Ахмети
Талат Џафери верува дека јазикот нè обединува како народ, како идеја и во исто време ни овозможува соработка, напредок и колективен развој. Тој вели дека сите сме во ист брод, патуваме кон иста цел и важно е да направиме сè што е во наша моќ за тој брод да ја одржи потребната рамнотежа
За премиерот Димитар Ковачевски албанскиот јазик не е негов мајчин јазик, но албанскиот му е братски јазик

Пораки за обединување на граѓаните од сите етнички заедници упати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
Тој беше еден од говорниците на централната манифестација што ја организира првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците Артан Груби, а на која се обратија и премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Годинава се одбележуваат 114 години од Битолскиот конгрес на кој се стандардизирала албанската азбука, за што Ахмети порача дека неговото одбележување ќе послужи да се испрати јасна порака да се изгради подобра иднина за сите. Овој настан, наведе лидерот на ДУИ, е одржан во град каде што има Македонци, Власи и други и сите го имаат поддржано. Пет години пред Битолскиот конгрес била и Крушевската Република, па затоа, вели Ахмети, двата историски настани се поддржани од различните народи во нашата држава.
Тогаш и Македонците и Албанците заеднички се бореле, па оттука тој повика на борба и денес, но против корупцијата.
„И Македонците и Албанците направиле заеднички напори за да го отстранат истиот режим, истата неправедна идеологија. Затоа денес Македонија е заедничка држава, заедно Македонија да ја направиме Европа исто како што е членка на НАТО, сите да застанеме заедно, политички партии, политичари, медиуми за да промовираме вредности и да станеме членка на ЕУ. Имаме заедничка цел да застанеме заедно во борбата против криминалот и корупцијата и соединети во иста цел за еден сеопфатен ветинг, како во законодавната така и во извршната и судската власт“,
рече Ахмети во изјавата пред медиумите на централната церемонија.





Собранискиот спикер Талат Џафери, пак, во говорот на манифестацијата порача дека јазикот е најсилното орудие за интелектуалното, културното, уметничкото издигнување, но над сè најсилниот идентитетски знак на еден народ.
„И јас навистина верувам дека јазикот нè обединува како народ, како идеја и во исто време ни овозможува соработка и, се разбира, напредок и колективен развој. Тука мислам и на поширокиот регион, односно на Западен Балкан, кој одамна е определен за градење општества со прифатени универзални вредности за правата и слободите на човекот. Ние сме во ист брод, патуваме кон иста цел и важно е да направиме сè што е во наша моќ за тој брод да ја одржи потребната рамнотежа. Особено сега кога регионот и светот, по пандемиската криза, се справува со економската и енергетската криза предизвикана од војната во Украина“,
рече Џафери.
Јазикот, продолжи тој, е толку богат, толку вреден, колку што се говори, пишува и шири низ светот, и тоа ќе го направиме само доколку продолжиме со правење реформи за подоследно почитување на прифатените универзални вредности, на стандардите кои се природна норма во европското семејство каде што сите ние тежнееме да бидеме набрзо дел.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека чинот на уважување и почитување на јазиците покажува еден европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање во светот.
„Албанскиот јазик не е мој мајчин јазик, но албанскиот е мој братски јазик“,
рече Ковачевски.
Наша должност, додаде Ковачевски, и како граѓани и како држава, е да ги почитуваме и чуваме јазиците на сите заедници што живеат во Северна Македонија. Нашето општество е познато по својот мултикултурен карактер но и по своите европски вредности во кои секоја различност е негувана.
„Тоа не е само поради тоа што нашиот пат е трасиран кон Европа туку затоа што нашата историја е полна со примери во кои токму таквите вредности се живеат. Сеедно дали говориме за историскиот Крушевски манифест или сегашното ‘Едно општество за сите’ или целата низа на случувања и концепти кои промовираат чување и заедништво меѓу народите што живеат тука. Ова поднебје секогаш живеело во толеранција и разбирање“,
додаде премиерот.
Ковачевски им се заблагодари на сите што биле со него на патот кон зачувување на македонскиот јазик.
„Кога преговаравме со ЕУ, до мене рамо до рамо седеше Бујар Османи. Јас и Бујар Османи на исти начин го браневме македонскиот јазик. На ист начин тој го почитува македонскиот јазик како што јас го почитувам албанскиот јазик. Во тој контекст, би сакал да ве уверам дека постојано ќе се заложувам да ничиј друг мајчин јазик не се најде пред таков предизвик. Мајчиниот јазик мора да го чуваме, да го славиме, да го негуваме за да стане бесмртен. А, за тоа да се случи треба да се погрижиме секој правилно и активно да го користи во своето секојдневие, низ државата и надвор од неа“,
нагласи Ковачевски.