„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл тајмс – ФДИ интелиџенс’, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски

Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на бруто домашниот производ (БДП), објавија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Гоце Димоски.
Тие денеска имаа заеднички настап посветен токму на последниот извештај на „Фајненшл тајмс“ во кој се содржани овие податоци.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл тајмс – ФДИ интелиџенс’, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“,
рече Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места. Според него, овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина. Тој потенцираше дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија и додаде дека тоа е порака до инвеститорите и граѓаните дека во државава вреди да се инвестира, да се гради, да се остане.
„Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни – ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“,
додаде Муцунски.
За директорот Димоски, извештајот на „Фајненшл тајмс“ е успех и претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘ФДИ интелиџенс’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“,
рече тој.
Димоски нагласи дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти.