Ширејќи идеја за сплотеност и обединување на различностите, Александар Стојков ја организира велосипедската трка „Вера тур 2022“, на која годинава ќе биде единствениот учесник, но со амбиција да прерасне во традиционална трка која ќе се одржува секоја година
Македонецот Александар Стојков ќе извози 2 500 километри со велосипед низ поранешните југословенски републики, во чест на неговата почината мајка Вера, но и на сите оние што ги загубиле животите во текот на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Ширејќи идеја за сплотеност и обединување, Александар ја организира велосипедската трка „Вера тур 2022“, на која годинава ќе биде единствениот учесник, но со амбиција да прерасне во традиционална трка која ќе се одржува секоја година.
„Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта Александар не беше во можност да ја однесе својата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие шест држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава Македонија“,
се вели во соопштението од организаторот на настанот.
Стартот на трката е на 21 март, а финишот е на 5 април, односно денот на раѓањето и денот на смртта на мајката на Александар, Вера. Турата ќе започне од Свети Николе, родното место на Вера и на Александар, и ќе се вози низ пет поранешни југословенски републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а завршетокот на турата повторно е во Македонија. Ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите што, како што вели организаторот, е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
Целта на трката, како што вели организаторот, „е да покажеме дека добрата мисла и енергија може да го сплотат и да го зближат и она што навидум е неспоиво“.
„Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да нè делат и да нè спречат да се почитуваме“,
стои во соопштението од организаторот.
Меѓу другото, во текот на велосипедската трка ќе Александар ќе оддаде почит со официјален пречек на споменикот на Тоше Проески во Нова Градишка, а ќе го посети и местото на кое загина претседателот Борис Трајковски со екипажот во БиХ. Воедно, ќе ги посети и новоизградената македонска црква во Загреб и сите природни убавини во шесте држави по должина на маршрутата.