Со отфрлање на барањето за екстрадиција, на 60-годишниот македонски државјанин му била укината и мерката притвор

Судот во Солун одлучил да не го екстрадира македонскиот државјанин, кој беше уапсен во мај годинава во грчкиот град Катерини, а кој се бараше по европска потерница за убиство извршено пред 28 години, пренесува МИА повикувајќи се на грчката новинска агенција АНА-МПА.
Со оглед на тоа што изречената казна е постара од 20 години, судот во Солун, согласно грчкото кривично право, донел одлука за отфрлање на барањето за екстрадиција.
Со отфрлање на барањето за екстрадиција, на 60-годишниот македонски државјанин му била укината и мерката притвор.
Убиството, за кое Македонецот беше баран, се случило во ноември 1997 година во Македонија, а жртва бил 37-годишен македонски државјанин.
Според судските документи од македонското обвинителство, 60-годишникот намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога жртвата излегла од возилото, пукал кон него и го убил. Сторителот, кој една година подоцна бил осуден на 15-годишна затворска казна, потоа побегнал во Грција.
Пред солунскиот суд, уапсениот објаснил дека откако бил пуштен од притвор во Македонија, побегнал и се преселил во Грција, каде сега има сопствен бизнис со изнајмување соби во областа Пиерија.
Преку своите адвокати, тој изјавил дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, и дека бил „на мета од политички причини“.
Инаку, како што пренесуваат дел од медиумите, станува збор за Ацо Боцевски, познат како Аце Циганот, кој среде бел ден ладнокрвно со неколку истрели од пиштол го уби скопјанецот Сеат Ибраими. Автомобилот „мерцедес”, кој го управуваше Ибраими, излета од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби”. Зад него запрел автомобилот во кој бил Аце Циганот. Тогаш тој излегол од автомобилот, го вперил пиштолот кон својот сопарник и ја испразнил рамката од оружјето.
